Connect with us

Култура

Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #5“ во рамките на „Скопски поетски фестивал“

 „Скопскиот поетски фестивал“ објави повик за млади поети, на возраст од 16 до 30 години, за да учествуваат на петтиот настан  „Отскочна даска“ на 12 март и да ја претстават својата поезија.

Организаторот соопшти дека повикот е наменет за сите што можеби веќе ги објавиле своите први песни во некое книжевно списание или веќе ја објавиле и својата прва стихозбирка, можеби веќе настапиле на некое поетско читање или чекале токму ваква можност да се охрабрат и да го направат тоа за да бидат прочитани, видени и слушнати и, споделувајќи ги своите стихови, да стекнат нови пријателства на овој преднастан на фестивалот.

-Интерно жири, врз основа на испратените песни, ќе ги избере учесниците што ќе настапат на „Отскочна даска #5“, а вечерта на поетското читање тие самите, со анонимно гласање, ќе го изберат најдобриот или најдобрата меѓу нив врз основа на севкупниот впечаток по настапите. Со ова ќе одлучат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на шестото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација, заедно со другите повозрасни и етаблирани поети. Дополнително, со избраните поети ќе се одржи и работилница за уредување на песните, што пред почетокот на фестивалот ќе бидат објавени во посебно издание, заедно со песните на сите досегашни учесници на минатите изданија на „Отскочна даска“, соопшти „Скопскиот поетски фестивал“. 

Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 30 години и да испратат куса биографија, фотографија (портрет) со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот contact@spf.mk најдоцна до 25 февруари на полноќ.

Имињата на избраните поети ќе бидат објавени на 5 март на Фејсбук и на Инстаграм-страниците на фестивалот, а потоа ќе бидат контактирани и по мејл.

Избраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ на 7 мај ‒ стои во повикот на „Скопскиот поетски фестивал“.

Шестото издание на фестивалот ќе се одржува од 7 до 9 мај со поддршка од  Министерството за култура и туризам.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3