Култура
Монодрамата „Безгрешна“ на СНГ Марибор ќе гостува во МНТ по повод 81-годишнината на театарот
Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) на 3 април ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) со наградуваната монодрама „Безгрешна“ (Immaculata), сценско остварување инспирирано од романот „Марииниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на режисерот Томаж Пандур.
Од МНТ информираат дека гостувањето е дел од програмата со која театарот продолжува со одбележувањето на јубилејот – 81 година од постоењето, во рамките на роденденската прослава. Во претставата, како што се наведува, се раскажува приказната за Марија, тронисана како Мајка Божја, која во сценската адаптација добива поинтимна и покондензирана форма и ја раскажува „својата вистина“ за настаните што го променија светот преиспитувајќи ги големите идеи.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур. Претставата, според соопштението, има добиено повеќе меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.
МНТ наведува дека Immaculata реализирала повеќе меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де артес есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори во рамките на фестивалот „Мителфест“ во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021) и 10. театарска олимпијада во Будимпешта во 2023 година. „Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“, вели Ливија Пандур во соопштението.
Билетите за претставата се во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ.
февруари 11, 2026

