Connect with us

Свет

Минхенска конференција: Неформално огледало на глобалниот поредок

Хина

Минхенската безбедносна конференција, која почнува в петок (13 февруари 2026 година), веќе повеќе од шест децении претставува едно од клучните места на кои се рефлектира состојбата на глобалната политика и безбедност.

Настаната е во 1963 година во контекст на Студената војна, како форум на западните политички и воени елити со цел зајакнување на трансатлантскиот сојуз и стратешка координација во рамките на НАТО.

Во своите почетоци беше изразено насочена кон воени прашања, нуклеарно одвраќање и односот кон Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт, и функционираше како своевидна лабораторија на западната безбедносна мисла во биполарниот свет.

Иако без формална политичка моќ, конференцијата уште тогаш стекна репутација на простор во кој не се носат директни одлуки, но се обликуваат идеи и се најавуваат насоките на идната политика.

Распадот на Варшавскиот пакт и крајот на Студената војна означија длабока трансформација на Минхенската конференција. Безбедноста повеќе не можеше да се сведе на воен судир на двата блока, туку опфати низа нови предизвици: регионални војни, тероризам, енергетска безбедност, кибер-закани, миграции и климатски промени.

Конференцијата од западен безбедносен клуб постепено се претвори во глобален форум на кој учествуваат политички лидери, воени команданти, дипломати и претставници на деловниот сектор од целиот свет.

Токму таа трансформација ја одразува пошироката промена на меѓународниот поредок – преминот од биполарна стабилност во посложен, пофрагментиран и понепредвидлив мултиполарен свет.

Сцена на пресвртни моменти

Минхенската безбедносна конференција со текот на годините стана сцена на говори кои означија пресвртни моменти во меѓународната политика.

Посебно се истакнува настапот на Владимир Путин во 2007 година, во кој за првпат отворено ја оспори американската хегемонија и униполарниот светски поредок, со што симболично го најави враќањето на геополитиката и новата фаза на конфронтација меѓу Русија и Западот, а посредно и агресијата врз Украина.

„Мислам дека е очигледно дека ширењето на НАТО нема никаква врска со модернизацијата на самиот Сојуз или со осигурувањето на безбедноста во Европа. Напротив, претставува сериозно провоцирање кое го намалува нивото на меѓусебна доверба“, рече тогаш рускиот претседател.

Слично на тоа, во 2014 година, во ек на украинската криза, Германија токму во Минхен почна да ја редефинира својата надворешнополитичка улога, сигнализирајќи подготвеност за поактивно учество во глобалната безбедност. Тогашниот германски претседател Јоаким Гаук рече: „Германија се буди. Германија е преголема за да може да се крие зад својата историја“.

Во поново време, говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во 2025 година дополнително ги разоткри длабоките идеолошки и политички пукнатини во Западот, покажувајќи дека трансатлантското партнерство повеќе не е хомогено ниту самоподразбирливо. Тој најмногу зборуваше за пропаѓањето на Европа и европските вредности и со зборовите „новиот шериф е во градот“ ја опиша идната политика на Доналд Трамп.

Најважната конференција од 1963 година

Денес Минхенската безбедносна конференција функционира како своевидно огледало на глобалниот поредок. Војната во Украина, ривалството меѓу САД и Кина, слабеењето на меѓународните институции и растот на политичката поларизација во западните општества доминираат во расправите, додека истовремено сè појасно се наѕира крајот на периодот во кој Западот имаше неспорна политичка и нормативна доминација.

Конференцијата притоа ја задржува својата специфична улога: таа не е место за формални преговори ниту за носење декларации, но е простор во кој се среќаваат ривалите, се тестираат политичките пораки и се артикулираат стратешките визии. Токму поради тоа Минхен често станува сцена на која јавно се манифестираат промените кои дури подоцна ќе добијат институционална форма.

Во тој контекст, очекувањата од актуелното издание на конференцијата дополнително се засилени. Расправите за иднината на НАТО, можната автономија на европската одбрана, перспективите на војната во Украина и редефинирањето на односите кон Русија и Кина ќе се одвиваат паралелно со прашањата за внатрешната стабилност на западните демократии.

Минхенската безбедносна конференција така денес повеќе не ја симболизира безбедноста во класична смисла, туку несигурноста на светот во кој стариот поредок се распаѓа, а новиот сè уште не е јасно дефиниран.

Ако во текот на Студената војна претставуваше архитектура на стабилноста, а по 1990-тите форум на светската безбедност, денес таа пред сè ја одразува кризата на поредокот и истовремено останува едно од ретките места на кои за таа криза се зборува отворено, без дипломатски филтри и формални ограничувања.

Волфганг Ишингер, долгогодишен претседател на оваа безбедносна конференција и еден од најугледните европски безбедносни аналитичари, рече: „Денешното меѓународно безбедносно опкружување е понестабилно отколку во кој било момент на кој можам да се сетам во мојата кариера. А идната конференција е веројатно најважната од 1963 година наваму“.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2