Култура
Ќорвезироска, Цветкоски, Корнети, Шелева и Селмани добитници на годишните награди на ДПМ за 2025
Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Хана Корнети, Елизабета Шелева и Ахмет Селмани се авторите чии дела се избрани за најдобри во 2025 година и ги добиваат годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Одлуките на одделните жири-комисии за секоја од петте годишни награди на ДПМ беа соопштени денеска на прес-конференција. ДПМ ќе им ги врачи наградите на годинашните добитници в петок, 13 февруари, во 12 часот на свеченост по повод 79-годишнината од основањето на писателската асоцијација.
Претседателот на ДПМ Живко Гроздановски соопшти дека е задоволен од вкупниот број на пријавени дела на конкурсот. За 2025 година конкурирале 53 дела, седум наслови повеќе од минатогодишниот конкурс. Но, подеднаков одѕив немало за сите награди, така што за наградата „Димитар Митрев“ за книга есеистика годинава аплицирале четири книги, половина помалку отколку минатата година.
Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, издание на „Арс Ламина“, ја добива наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело во 2025, по одлука на тричлена жири-комисија под претседателство на Соња Стојменска-Елзесер. Во образложението на жирито, меѓу другото, стои дека се работи за проза што ја преиспитува комплексноста на љубовта и го поставува прашањето дали е возможна љубов без болка.
За оваа награда на ДПМ годинава конкурираа седумнаесет дела, а според оценката на жирито, наградениот роман се издвојува од годинашната прозна продукција „со стилската перфекција и со раскрилувањето на потенцијалите на јазикот, кој под перото на Ќорвезироска понира во замрсените емотивни јазли на женските ликови и во сите три приказни се реализира со посебна наративна техника“.
Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка објавена во 2025 му се доделува на Бранко Цветкоски за стихозбирката „Вообразби: лирски етиди од некој друг свет“ во издание на „Макавеј“, по одлука на жирито предводено од Иван Џепароски. За оваа награда на конкурсот биле пријавени 16 поетски книги. Според жирито, стихозбирката на Цветкоски „пленува со својата продлабоченост, префинетост и музикалност, покажувајќи ни по којзнае кој пат дека вистинската и врвна лирска поезија умее да нè вознесе и да нè отргне од баналноста и од тривијалноста на неосмисленото живеење, но и дека со својата автентичност на доживувањето на светот поетот може да ја оствари и толку посакуваната хармонија меѓу мислењето и пеењето“.
Авторката Хана Корнети е добитничка на годинашната награда „Ванчо Николески“ која ДПМ ја доделува за најдобра книга за деца и млади. Корнети е наградена за книгата „Илина и тајните на Бабин заб“ во издание на „Или-или“, според оценката на жирито со кое претседаваше Симона Јовановска.
За оваа награда годинава конкурирале 13 книги, а оваа е избрана затоа што Корнети „успева да балансира помеѓу забавата и едукативната вредност на текстот, нудејќи им на младите читатели свет кој е магичен, но и релевантен за реалниот живот“. Наградената книга, според жирито, ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самопознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање.
За наградата „Димитар Митрев“ за книга есеи и критика за 2025 конкурирале четири наслови и е избрана книгата на Елизабета Шелева – „Книжевни созвучја и огледала“, издание на „Сивејан“. Таа содржи дваесет и три студии и соопштенија.
Според образложението на жири-комисијата под претседателство на Наташа Аврамовска, она што е „ненаметливо, но консеквентно присутно во овие студии е проследувањето на транснационалните аспекти на современата книжевна продукција“. Вброени се и теми и аспекти на културолошкото промислување на книжевната сцена, но и на доминантниот миг на културата воопшто.
По неколку години пауза, ДПМ втора година ја додели и наградата „Мост“ за најдобра книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во земјава. Од три книги што биле пријавени на конкурсот годинава, наградата ја добива „Embsuame Paskajore“ („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани, објавена од „Академска мисла“.
Според жирито предводено од Делвина Крлуку, поетиката на Селмани се одликува со јазична економичност, јасна метафорика и силна етичка насоченост, а причините за избор на оваа поетска книга „се повеќеслојни и се однесуваат на она што е најважно за еден сериозен книжевен зафат: концепт, кохерентност, препознатливост и долгорочна вредност“.
Претседателот на ДПМ Гроздановски на прес-конференцијата посочи дека наидуваат на проблеми да најдат членови на жири-комисии и биле одбивани од оправдани причини на оние што ги поканиле да одлучуваат за наградите. Причината за тоа е што добиваат голем број пријавени дела на конкурсот, а имаат краток рок од 30 дена да ги прочитаат и тоа во период на новогодишните и божиќните празници.
-Како што се зголемува бројот на книги што пристигнуваат во конкуренција, се наметнува потребата да се овозможи повеќе време за читање. Затоа што, практично, многу е тешко да се прочитаат дваесет книги за еден месец, изјави Гроздановски.
Поради тоа, рече тој, во ДПМ се разговара за промена на правилникот за конкурсот да биде отворен порано и делата да може да се праќаат до 10 или до 15 декември. А ако некоја книга биде објавена до крајот на календарската година, на авторот да му се овозможи да учествува во изборот и неговата книга дополнително да и се достави на жири-комисијата.
февруари 11, 2026

