Connect with us

Општини

„Јасен“ доби современа противпожарна опрема со поддршка од Европската Унија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, Ангеле Сотировски, денеска присуствуваа на настан организиран по повод испораката на современа противпожарна опрема за „Јасен“, обезбедена во рамките на прекуграничниот проект „Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени (WILD-A)“.

Како што посочи заменик-претседателот на Владата, Димовски, испорачаната опрема претставува значаен резултат од проектот што се имплементира во рамките на програмата за прекугранична соработка „Грција – Северна Македонија 2021 – 2027“, финансирана од Европската Унија. Димовски истакна дека проектот е насочен кон превенција од шумски пожари и заштита на биодиверзитетот во две високоризични подрачја – приградската борова шума во Едеса, Република Грција, и повеќенаменската природна заштитена област „Јасен“ во Република Северна Македонија.

– Во рамките на проектот за потребите на „Јасен“ обезбедени се противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани противпожарни пумпи и резервоари за вода, оптички систем за надзор со долг дострел, како и багер со лопата за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари. Дополнително, предвидена е и набавка на лична заштитна и професионална противпожарна опрема за шумските пожарникари – рече Димовски.

Проектот се спроведува во рамките на првиот повик од ИПА III-програмата за прекугранична соработка со Република Грција како соработка меѓу четири организации од двете земји, при што партнери од македонска страна се ЈПУЗПП „Јасен“ и Балканската фондација за одржлив развој. Вкупниот буџет за македонските партнери изнесува 458.370 евра, од кои 91.674 евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.

– Пожарите, особено во летниот период, кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во „Јасен“, предизвикуваат големи еколошки и економски штети. Нашата обврска е навремено да инвестираме во превенција и подготвеност за ваквите штети да ги спречиме, а не само да ги санираме – посочи министерот за локална самоуправа, Перински.

Во рамките на проектот се предвидува и примена на техничко решение, систем за рана детекција и гаснење пожари од страна на регионалните власти, со можност за понатамошно реплицирање во други високоризични подрачја, како и активности за научна експертиза, истражувања и поддршка на кампањи за подигање на јавната свест. 

– Со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, ние не само што ги намалуваме ризиците од шумски пожари туку ги поттикнуваме интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница – истакна директорот на „Јасен“, Сотировски.

Вкупниот одобрен буџет на ЈП „Јасен“ како партнер во проектот изнесува 338.370 евра, од кои 298.290 евра се наменети за набавка на опрема. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 4