Connect with us

Вести

Судење за „Онкологија“: Ќе умре и онака

Вештото лице Маја Равник од Медицински факултет Марибор, Словенија, која го изработила медицинското вештачење на вкупно 51 медицинска документација од лекување пациенти на Клиниката за онкологија, беше сослушана денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, на  судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.  

Равник, одговараше на прашања на Обвинителството за соодветноста на терапијата што им се давала на конкретни пациенти – околу 33 опфатени со вештачењето, нејзиниот ефект и безбедноста. 

Пациентка со рак на јајници, според документацијата, била лекувана со „капецетабин“ таблети, кои, како што рече Равник, не се даваат во вакви случаи.  -Пациентката се води со рак на дојка, а ракот на јајници не се лекува со „капецетабин“ таблети. Дека имала рак на јајници се потврдува во записот од хистологија, добиен подоцна, изјави вештакот Равник. 

Лекот „бинирелбин” на овој пациент е даден само еднаш, по што била повторно промената терапијата, без да се забележи зошто била потребна промена на терапијата.  -Пациенктата примала „патрилаксел” четири пати, потоа во комбинација со „гемцитабин”, за повторно само „патрилаксел”. Од записите можам да заклучам дека терапијата со „патрилаксел” предизвикала многу компликации кај пациентката. Болеста со таа терапија постепено напредувала со дополнителни компликации, изјави вештакот. 

На Клиниката за онкологија во универзитетскиот клинички комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје во тек е полициска акција.

Пациентката, како што заклучи сведокот, примала лек со никакви ефекти при лекување рак на јајници, при што дошло до напредување на болеста. 

Друг пациент со карцином на црн дроб, бил лекуван со лекот „пемброизумап”, кој немал индикации.  -Терапијата била давана во различни дози и интервали што не се во согласност со протоколите и во комбинација со други имунотерапевтски лекови, изјави вештакот. 

Во ниту еден од протоколите, нагласи Равник, не е забележано наизменично давање на имунотерапијата. -Целокупното лекување со имунотерапија и со хемотерапија кои немале индикации докажано водело до напредување на болеста, бидејќи болеста при такво лекување немала никаква контрола. Кога болеста е надвор од контрола, побрзо напредува, изјави Равник. 

Пациентка според вештачената документација, како што рече Равник, примала терапија на исклучително долги и нередовни интервали.  – Од прегелданата документација, пациенктата примила терапија во исклучително лоша состојба, една недела пред смртта и можам да заклучам дека хемотерапијата ја забрзала смртта, рече вештакот. 

Бранителот на првообвинетиот Васев, адвокат Боби Спирковски, во изјава за медиумите настапот на  вештото лице од Словенија го оцени како ригиден, теоретски и неусогласен со реалната медицинска пракса и условите во македонскиот здравствен систем. Спирковска вели „никој не смее на докторот да му забележи зошто донел одредена одлука за препишување на одредена терапија, доколку нема личен увид во пациентот“. 

– Имате ситуации кои што само вие ги гледате и познавате, пациентот е пред вас со сите коморбидитети, со сите негови плусови и минуси во неговата физичка и психолошка кондиција и вие ја решавате ситуацијата. Затоа таа дискрециона медицинска одлука, како што и во правото, нели судијата, никој не може да му забележи на крајот зошто таква одлука донел, исто е и во медицината. Никој не смее на докторот да му забележи зошто таква одлука донел, ако нема личен увид во пациентот, а ние зборуваме за пациенти кои што одамна се починати, рече Спирковски. 

Посочи на разликата меѓу теоретските индикации и таканаречената „офлејбл“ терапија која лекарите ја применуваат кога се исцрпени сите други опции со цел да му се помогне на пациентот, истакнувајќи ја разликата помеѓу здравствените системи на Словенија и Македонија, при што ја нагласи драстичната разлика во достапноста на лековите. 

– Една е терапијата што е индицирана, како што вели вештакот во самите упатства за употреба на сите овие лекови, а друга е праксата. Токму од овие причини, во светот се применуваат различни стандарди. Во смисла, има т.н. „офлејбл” терапија, кога лекарот оди и надвор од пропишаното во упатството за лекот, експериментира, бидејќи нема друга опција … Дури и овие студии на кои се повикуваат, тоа се толку променливи категории. Една студија кажува едно, после шест години имате друга студија која што комплетно го урнува тоа што првата студија го направила, и се бараат од ЕМА да ја променат индикацијата… Стриктното држење до книгите, до стандардите, во онкологијата, како што го видовме денес како прв дел од изнесувањето, е невозможно. Прво, заради тоа што има 250 лекови; второ, заради тоа што има, не знам, 60 или 70 комбинации на лековите. И замислете, во тоа море на лекови и комбинации, вие да бидете стриктни и да кажете „ова може, ова не може”. Оваа варијанта води кон смрт, оваа варијанта води кон влошување на здравствената состојба. Тоа е премногу ригидно становиште и премногу теоретско и нема врска со она што во животот, во праксата, особено во онкологијата, се случува секојдневно. Кога лекарот и по интуиција, мора да кажам по интуиција, дава некогаш терапија. Настрана да не зборуваме и за ситуациите кога ги немаме лековите. Македонија не е Словенија. Словенија се мери со Америка по висината на стандардот. Не може да им се случи на позитивна листа да немаат лекови. Кај нас се само три лека на позитивна листа. Драстично различни системи здравствени, драстично различни ситуации онколошки, рече Спирковски. 

Вели лекарот мора да се адаптира на состојбата на здравствениот систем во државата, односно „да му даде било каков лек што може да му помогне, отколку да го остави без лек“.

– Сега излегува дека, според  толкувањето на вештакот, кога ќе видите дека тој е готов, не треба да му давате никаков лек, повеќе му штети отколку што му користи, вели Спирковски. 

Прекинувањето на терапија, според него, е еден вид еутаназија. 

– Кој може да предвиди уште колку време пациентот ќе живее, за да каже, како што кажа вештакот „не смеете веќе да му давате терапија, тој е готов”? Тој е толку ригиден став, којшто во нашата онколошка пракса, морам да го кажам за да се знае, не се применува, туку е многу пофлексибилен. И затоа имаме резултати на преживување повеќе од пет години. Имаме пациенти шест-осум години, имаме петнаесет години. Така што воопшто не се согласувам со ваквите ригидни ставови, рече Спирковски.

Нагласи дека на вештото лице од Марибор му недостасувале клучни документи – патохистолошки наод, висина и тежина на пациентите, која, како што рече, е најбитна за одредување на дозата. – Како може да вештачите и како се осмелувате да вештачите, ако ги немате најбитните елементи, најбитните документи за пациентите? Тоа одма ја елиминира како вешто лице. Значи, таа морала или да ги побара наодите, кои патем ги има, ние не сме Африка, Онкологија има најмодерен систем на податоци, меѓутоа, тие воопшто не го користеле, не влегле во системот и воопшто не ги побарале. Таа морала веднаш да каже „или ќе ми обезбедите хистопатолошки наоди за сите пациенти, или ќе ми обезбедите висина и тежина, или ќе ми обезбедите документација за висина и тежина, или не можам да вештачам“, а не, таа го завршува вештачењето и сега ни кажува на нас дека тие основни елементи ги немаат. Гледајте каква контрадикција, па тоа ве руши од старт како вештак, подвлече Спирковски.

Во однос на стручноста, Равник на почетокот нагласи дека во текот на 2011 година го положила европскиот испит за интернистичка онкологија, во 2012 положила специјалистички испит од интернистичка онкологија и од тогаш работи на Клиничкиот центар Марибор како прв онколог, а од 2016, кога е формиран одделот, е началник на одделот. Од 2022 година е национален координатор за специјализација во Словенија. 

Во своето излагање Равник, нагласи дека онколошките лекови во рамки на индикациите имаат точно определена доза, начин и време на аплицирање што е потврдено преку разни фази на клинички студии. Секоја промена на лекот или дозата, мора да биде јасно забележано и од која причина. Конзилијарното мултидисциплинарно одлучувањето, нагласи вештакот е златен стандард на добро онколошко лекување.

Прашана дали во историите што ги разгледале забележале конзилијарно одлучување при определување или промена на терапија, вештакот рече дека при прегледаните 51 медицинска документација, само во една имало запис од мултидисциплинарен конзилиум. – Од прегледаната документација се гледа дека промените на лекување не биле соодветно бележени и многу пати без никакво објаснување, нагласи вештакот Маја Равник.

Целосното документирање на лекувањето, како и при секоја медицинска пракса, така и при онколошко лекување, вештакот нагласи дека е важно, псоочувајќи дека точното забележување на лекувањето, како информација значи и безбедност за пациентот, но е важно и потребно и за можното понатамошно лекување на другите медицински специјалисти.

– Од разгледната медицинска документација, одделни ретки наоди беа структурирани, но во голем број наоди беше забележано дека пациентот добива лек, а нема забележани какви потешкотии има, значи без анамнеза и без клиничка преглед и какви се протоколите, изјави вештакот.

Во документација што била предмет на вештачење, сведокот рече дека имало пациенти без редовни амбулантни прегледи, и тоа било забележано само во мал дел документација.  -Телесната висина и тежина беа забележани само во мал број случаи, најчесто ако во документацијата имаше терапевтски лист. За комордбилитетот имавме уште помалку податоци и многу малку во документациите имаше физолошки преглед.  Генерално гледано целокупната документација беше многу нецелосна, нагласи вештакот.

Најважно кај пациентите при определување терапија, сведокот нагласи дека е хистолошки наод за видот на ракот, како и дополнителни генетски и молекуларни анализи, стадиумот на болеста, комордбилитети и здравствената состојба на пациентот.

Одбраната на Нино Васев, пред почетокот на денешното рочиште до Судот достави вешт наод и мислење од вештото лице Владимир Даниловски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска. За сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта неделава и судењето продолжува утре.

Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството. 

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот по што судот ја осуди на две години условна казна затвор. 

Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2