Connect with us

Култура

Концерт „Од студио до сцена“ со виолинистот Даниел Роуланд

Институтот FAME’S ќе ја отвори февруарската концертна серија вечер од 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија со концертот „Од студио до сцена“, под уметничко водство на  холандско-британскиот виолинист Даниел Роуланд.

Концертот е најавен како кулминација на истоимената едукативна програма, во која учествуваат 30 внимателно селектирани млади музичари од Европа. Програмата на концертот е концептуално поврзана и драматуршки  осмислена, обединувајќи дела кои истражуваат теми на загуба, трансформација, внатрешен немир и надеж.

На програмата се „The American Four Seasons“ од Филип Глас, современо дело кое нуди нов поглед кон идејата за сезоните и времето, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс, интензивна и емотивна композиција посветена на сеќавањето и човечката болка, и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус, едно од најдлабоките оркестарски размислувања за промена и историска траума.

– Оваа програма им овозможува на младите музичари да го разберат целиот пат на едно дело – од првата нота снимена во студио до моментот кога таа музика зазвучува пред публика. Делата што ги избравме бараат длабока концентрација, слушање и емотивна зрелост, што го прави овој процес исклучително значаен за нивниот професионален развој, истакнува Од Насју Мапа, основачка на Институтот FAME’S.

Проектот „Од студио до сцена“ е насочен кон едно од клучните прашања на современата оркестарска професија – како музиката се обликува, менува и добива значење низ различните фази на студиско снимање и концертна изведба. Во текот на повеќедневната интензивна работа, учесниците, под менторство на Даниел Роуланд, ги снимаат делата во професионалното студио на FAME’S, по што истата музика се пренесува на концертната сцена, каде што добива нова енергија и комуникација со публиката.

-Како уметнички ментор и солист, Даниел Роуланд внесува исклучителна интерпретативна длабочина и искуство во проектот. Неговата работа се одликува со силна поврзаност меѓу техничката прецизност и уметничката слобода – вредности кои се во сржта на едукативниот пристап на FAME’S, се наведува во соопштението.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4