Општини
Коњановски: Жалам за повредите на детето каснато од куче и посакувам брзо да заздрави
Жалам за повредите кои се предизвикани и посакувам брзо заздравување на детето кое неодамна беше каснато од куче, изјави денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Коњановски потврди дека Општина Битола упатила допис и до Јавното обвинителство за да го испита енормниот број на жалби и поплаки на лица каснати од кучиња во градот.
-Појавата за која ние многупати реагиравме и алармиравме, а упативме и допис до Јавното обвинителство со цел да се испита, а во врска со енормниот број на жалби и поплаки за лица каснати од кучиња во градот е голем проблем. Искрено жалам што во неколку наврати во Битола се случи каснување од куче, но единствениот начин согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните е можна само со згрижување на кучиња врз принципот залови-вакцинирај-стерлизирај и повторно врати на местото од каде е заловено куче. Апелирам до сопствениците на кучиња и до иматели на кучиња да водат грижа и да не ги пуштаат кучињата надвор без заштита, затоа што според моите информации, последниот немил случај е врзан со имател на куче. Жалам за повредите кои се предизвикани и посакувам брзо заздравување, истакна Коњановски.
Од Општина Битола информираа дека временото згрижување на кучиња во прифатилиштето „Хачико“ се врши без пречки и работи со полн капацитет каде може да се згрижат 75 кучиња.
февруари 10, 2026

