Технологија
Истражување: Четботовите сѐ уште не се доволно прецизни во поставувањето точна медицинска дијагноза
Алатките на вештачка интелигенција, како што е популарниот „Чет-ГПТ“, не се добри за поставување дијагнози, покажа истражување објавено денеска во списанието „Нејчр медисин“ (Nature Medicine). Според наводите, медицинските придобивки од ВИ се преиспитуваат ширум целиот свет.
Научниот труд спроведен со помош на 1.300 лица во Велика Британија, откри дека неколку ВИ-модели – „Чет-ГПТ“, „Лама“ (на „Мета“) или „Команд Р+“ – не се подобри од едноставно пребарување на интернет кога беа прашани за симптоми. Учесниците во истражувањето, всушност, не биле болни. Тие учествуваа во своевидна игра со улоги: истражувачите им дадоа 10 различни групи симптоми за кои постои консензус во медицинската заедница за соодветната дијагноза. Само третина од испитаниците добија точна дијагноза. Ова не е подобро отколку во групата со задачаа за обично пребарување на интернет.
– Постои голема возбуда околу ВИ-моделите, но тие едноставно не се подготвени да ги заменат лекарите, изјави Ребека Пејн, истражувачка на Универзитетот во Оксфорд и една од авторите на истражувањето.
Новото истражување има некои ограничувања, како што е методологијата заснована на лажни случаи. Но, користените ВИ-модели, во голема мера, биле заменети со поефикасни верзии.
– Сепак, ова е многу важна студија која истакнува дека четботовите претставуваат реална медицинска опасност за пошироката јавност, изјави Давид Шо, биоетичар на Универзитетот на Мастрихт во Холандија.
Студијата е дел од поголема дебата за потенцијалниот придонес на вештачката интелигенција во однос на медицинските информации, со оглед на тоа што во многу земји, вклучително и развиените, луѓето честопати мора да чекаат долго за преглед на лекар. Некои испитувања досега покажаа дека „Чет-ГПТ“ и другите ВИ-модели може успешно да положат медицински испити – кога се во улога на студент по медицина и се соочуваат, на пр., со прашања со повеќекратен избор, ВИ-системите добро се справуваат.
Сепак, оваа нова студија покажува дека ситуацијата се менува кога станува збор за односот со вистински луѓе и случаи. Тие засега не се доволно прецизни во опишувањето симптоми и не ги обезбедуваат сите клучни елементи, според истражувачите.
Во Франција, Високиот орган за здравство (ХАС) наскоро треба да издаде изјава за придобивките од директно користење на ВИ за пациентите. До крајот на 2025 година, проценката говори дека овие алатки би можеле да им помогнат на здравствените работници ако се користат разумно.
февруари 10, 2026

