Свет
Рјабков: Русија е подготвена за нова реалност во свет без ограничувања на контролата на нуклеарното оружје по истекувањето на договорот „Нов старт“
Русија е подготвена за нова реалност во свет без ограничувања на контролата на нуклеарното оружје откако договорот за намалување и ограничување на стратешкото офанзивно вооружување (договор „Нов старт“) ќе истече во текот на неделата, изјави денеска рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.
На средбата со новинари во руската амбасада во Кина тој рече дека Москва нема да преземе никакви формални дипломатски чекори кон САД пред истекот на договорот „Нов старт“ и дека „недостигот на реакција од Вашингтон е исто така одговор“.
– Во преостанатиот еден и пол ден пред формалното истекување на договорот „Нов старт“ нема да испратиме никаков демарш или формална покана до Американците. Сè што беше потребно направивме порано, навремено, многу порано; тие имаа многу време да го разгледаат сето ова. Недостигот на одговор е исто така одговор – наведе Рјабков.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи додаде дека ако САД распоредат повеќе системи за противракетна одбрана на Гренланд, Русија ќе мора да преземе компензациски мерки во својата воена сфера.
– Сè што се случува во врска со Гренланд е водено од желбата на САД да ја воспостават својата хегемонија, а безбедноста на Русија ќе биде осигурана во секој случај – рече Рјабков.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека Русија е подготвена да продолжи да се придржува до ограничувањата од договорот за стратешко офанзивно вооружување една година по 5 февруари доколку САД возвратат со истите чекори. Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени предлогот на Путин за „Нов старт“ како добра идеја.
февруари 4, 2026

