Connect with us

Регион

Хрватските ракометари дочекани од илјадници навивачи со настап на пејачот Томпсон

Десетици илјади навивачи ги поздравија вечерва на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во центарот на Загреб членовите на хрватската ракометна репрезентација за освоениот бронзен медал на Европското првенство, а контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон настапи на дочекот организиран од Владата на Хрватска, и покрај забраната од градските власти.

Томпсон изведе многу од своите песни, но не и контроверзната „Бојна Чавоглаве“, која започнува со усташкиот поздрав „За дом спремни!“ и поради која му се забранети настапи во Загреб.

Додека пејачот се искачуваше на сцената, на една од зградите на централниот плоштад беше развиорен транспарент со натпис „Обединети против фашизмот“.

На дочекот на ракометарите присуствуваа неколку министри, но не и премиерот Андреј Пленковиќ, иако имаше шпекулации за неговото можно присуство.

Пречекот на ракометарите остана во сенка на поделбите поради контроверзниот пејач чиј настап претходно беше ултимативно побаран од самите ракометарите.

Градот Загреб одби да им го исполни барањето, по што Хрватскиот ракометен сојуз синоќа објави дека нема да има официјален дочек.

Ситуацијата се промени по денешната седница на хрватската Влада, која објави дека ја презема организацијата на дочекот на плоштадот „Бан Јелачиќ“ со настап на Томпсон.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, рече дека Владата не побарала дозвола од градските власти за собирот, иако тоа морала да го направи.

Бројни политичари од центарот и левицата денеска ја обвинија владата дека дејствува неуставно, а шефот на државата Зоран Милановиќ го обвини кабинетот на Пленковиќ за „узурпација на државата и бескрупулозно предизвикување поделби“.

Хрватската ракометна репрезентација во неделата во Хернинг го освои бронзениот медал на Европското првенство, совладувајќи го Исланд во натпреварот за третото место.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1