Connect with us

Свет

На југот на Италија прогласена вонредна состојба по минатонеделната дводневна бура

Италијанската влада вчера прогласи вонредна состојба за јужните региони што минатата недела беа погодени од силна бура, ветувајќи брза финансиска помош за обнова на патиштата и бизнисите погодени од лошото време.

Долготрајните дождови, силните ветрови и бранови високи до девет метри два дена ги погодија Сицилија, Сардинија и Калабрија, по што властите проценија дека штетата е поголема од една милијарда евра, а, за среќа, нема пријавени човечки жртви.

Владата на премиерката Џорџа Мелони издвои почетни 100 милиони евра за да се задоволат првичните потреби на најтешко погодените области, изјави министерот за цивилна заштита Нело Мусумечи.

Само Сицилија претрпе штети од околу 740 милиони евра, но гувернерот на островот, Ренато Скифани, предупреди дека конечната сума може да биде двојно поголема.

Свлечиште сега му се заканува на градот Нишеми во централна Сицилија, а околу илјада луѓе мораа да бидат евакуирани од своите домови, обја цивилната одбрана.

Сардинија беше исто така силно погодена. Бенјамино Гарау, градоначалникот на Капотера на југот од островот, рече дека морето се поместило околу сто метри кон внатрешноста.

Во Калабрија, регионалната администрација соопшти дека бурата предизвикала „голема штета на земјоделските бизниси, со сериозни последици за руралната економија“.

Локалните жители наведуваат дека предупредувањата од цивилната одбрана ги убедиле луѓето да останат дома, спречувајќи смртни случаи или сериозни повреди.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2