Connect with us

Свет

Зеленски: Енергетската ситуација во Киев е исклучително тешка, речиси 1.200 згради се без греење

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека енергетската ситуација во Киев е сè уште исклучително тешка, особено на левиот брег на Днепар, и дека повеќе од 1.200 станбени згради се без греење.

– Одржан е посебен состанок и поднесени се извештаи за состојбата во регионите во кои енергетската ситуација е најтешка. Тоа се, пред сè, Киев и Киевската област, Харков и целата Харковска област, Черниговската област, Сумската област, Днепарската област и Запорожје – објави Зеленски на социјалните мрежи.

Украинскиот претседател потврди дека за време на состанокот најмногу внимание и време му било посветено на Киев.

„Екстремно тешки околности во Киев: повеќе од 1.200 станбени згради во градот сè уште се без греење“, се вели во објавата на украинскиот претседател.

Тој изјави дека разговарал со локалните власти и со членовите на владата за тоа како да се добие помош што е можно побргу.

– Досега, сите дискутирани рокови не може да се сметаат за задоволителни, потребно е да се дејствува побргу – истакна Зеленски и додаде дека има значителен број луѓе на кои итно им е потребна поддршка, особено во Дарница и други области од левата страна на Киев.

Зеленски исто така им наложи на украинскиот премиер Денис Шмихаљ и на министерот за финансии, Сергеј Марченко, да ги анализираат можностите, особено за Киев, итно да се набави сè што е моментно потребно за алтернативно снабдување со електрична енергија и греење.

Според претседателот на Украина, Шмихаљ, кој е и министер за енергетика, е во постојана комуникација со партнерите и заедно со локалните власти треба да ја утврдат листата на дополнителна помош за Украина и можноста за нејзино добивање во наредните денови и недели. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 2