Свет
Сијарто: Унгарија ќе тужи пред Судот на правдата на ЕУ поради забраната за увоз на руски гас
Унгарија ќе покрене судска постапка со цел да се поништи уредбата за постепено укинување на увозот на руски гас до 1 јануари 2027 година, која денеска ја усвоија земјите членки на Европската Унија, соопшти унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
– Доколку не можеме да купуваме сурова нафта и гас од Русија, сметките за енергија во домаќинствата тројно ќе се зголемат, а фабриките би можеле да се соочат со сериозни тешкотии поради растот на цените, изјави Сијарто.
Според него, уредбата со која се овозможува спроведување на планот REPowerEU, односно прекинување на зависноста на ЕУ од руските енергенти, ги заобиколува европските прописи со цел да се спречи увозот на енергија од Русија.
Сијарто нагласи дека Унгарија, веднаш штом одлуката за усвојување на REPowerEU стане официјална, ќе поднесе тужба до Судот на правдата на Европската Унија.
– Законот е создаден така што користи правна дупка во однос на неговата содржина. Станува збор за санкција за која е потребна едногласна одлука, но за да се заобиколат приговорите на суверените национални држави, искористен е трик и одлуката е претставена како трговска мерка, за која е доволно квалификувано мнозинство. Основните договори јасно наведуваат дека националните држави имаат право сами да одлучат кои енергетски ресурси ќе ги купуваат и од кого, изјави Сијарто, оценувајќи дека одлуката ги крши законите на ЕУ.
Тој додаде дека станува збор за „голем правен трик“ насочен против унгарските национални интереси.
– Одвикнувањето на земјата од руската сурова нафта и гас би довело до огромно зголемување на трошоците за комунални услуги. Тоа е она што Брисел го сака, а ние, како суверена Влада, ќе го спречиме, рече Сијарто.
Претходно денеска, земјите членки на ЕУ ја усвоија уредбата за постепено укинување на увозот на руски гас до 1 јануари 2027 година, со што се овозможи стапување во сила на планот. Новите правила вклучуваат и мерки за поефикасно следење и диверзификација на снабдувањето со енергија, а уредбата се оценува како клучна пресвртница во реализацијата на целта REPowerEU – целосно запирање на зависноста на ЕУ од руската енергија, се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на Европскиот совет.
Според уредбата, увозот на руски гас преку гасоводи и течен природен гас (ТПГ) во ЕУ ќе биде забранет, при што забраната ќе започне да се применува шест недели по стапувањето во сила на уредбата, а постојните договори ќе имаат преоден период.
Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека целосната забрана за увоз на руски течен природен гас ќе стапи во сила од почетокот на 2027 година, додека забраната за гасот што се испорачува преку гасоводи ќе важи од есента 2027 година. Пред одобрување на увоз на гас во ЕУ, земјите членки ќе мора да ја проверат земјата на потекло на гасот.
Непочитувањето на новите правила може да резултира со максимални казни од најмалку 2,5 милиони евра за поединци и најмалку 40 милиони евра за компании, односно најмалку 3,5 отсто од вкупниот годишен глобален промет на компанијата или 300 отсто од проценетиот промет на трансакциите, се наведува во соопштението.
Забраната е дизајнирана така што може да биде усвоена со големо мнозинство, што овозможи нејзино усвојување и покрај противењето на Унгарија и Словачка, кои и натаму во голема мера зависат од увозот на руска енергија и сакаат да одржат блиски односи со Москва.
Според договорот, ЕУ ќе го запре увозот на руски течен природен гас до крајот на 2026 година, а на гасот преку гасоводи до 30 септември 2027 година, со можност рокот да се помести најдоцна до 1 ноември 2027 година.
Русија пред почетокот на војната во Украина во 2022 година обезбедуваше повеќе од 40 отсто од вкупниот увоз на гас во Европската Унија.
јануари 26, 2026

