Свет
Во Утар Прадеш, Индија: Розовите сарии и бамбусови стапови го штитат женското достоинство
Во индиската сојузна држава Утар Прадеш, група жени познати како „Гулаб банда“ стануваат „ноќна мора“ за мажите кои вршат насилство врз жените. Членките на оваа група носат розови сарии и се обучени да користат долги бамбусови стапови за да ги казнат насилниците, пишува Блиц.
Сампат Пал Деви, го започнала овој бунт откако била сведок како соседот ја тепа својата жена. Таа, сакајќи да ја одбрани жената, била нападната од страна на мажот, по што, Деви се вратила следниот со стап и уште пет жени, за да го казнат насилникот. Веста за овој чин брзо се проширила, а жените од околните места започнале да ѝ се приклучуваат. Така во 2006 година официјално е основана Гулаб банда, а членките се борат против насилство врз жените, детски бракови и сиромаштија, организираат протести против локалната корупција, им помагаат на жртвите на силување и го поттикнуваат женското образование и финансиска независност.
Уште од самото основање, групата стана политички влијателна. Некои членки освојуваат локални функции, а нивната приказна е документирана во филмови и документарци, меѓу кои и боливудскиот филм „Розова банда“ („Gulaab Gang“) од 2014 година.
Деви смета дека мажите кои вршат насилство треба да бидат казнети од страна на жените и додала: „Треба да бидат фатени и на челото да им се истетовира ‘Јас сум силувач’.“
Гулаб Банда и денес е симбол на борбата за женската правда во Индија.
јануари 22, 2026


