Регион
Селектирањето на македонскиот филм „17“, кој ќе се натпреварува во програмата „Перспективи“ на Берлиналето, е голем национален успех
Селектирањето на македонскиот филм „17“ на режисерката Косара Митиќ, кој ќе се натпреварува во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, што ќе се одржи од 12 до 22 февруари, е голем национален успех, беше соопштено денеска на прес-конференција на филмската екипа.
„Перспективи“ е натпреварувачка селекција за дебитантски филмови создадена лани, а годинава 14 филма се во трката за наградата најдобро филмско деби. По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше во 2024 година и во него играат 25 тинејџери.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, на прес-конференција рече дека тоа за сите нив, за цела Македонија, е голем успех.
– Ова е национален успех. Многу сме среќни. Ова е голем успех за филмот, за продукцијата, за целата екипа, за Агенцијата за филм и за целата македонска култура и, генерално, за Македонија. Треба сите да се гореме што ќе има дело што ќе ја претстави државата на Берлиналето. Тоа е фантастичен успех. Убеден сум дека филмот нема да заврши со премиера на Берлиналето. Мислам дека филмот добро ќе биде примен и кај нашата публика. Кога ќе заврши со фестивалската промоција, филмот ќе отвори многу голем дијалог со публиката. Што е побитно, тоа ќе отвори големи општествени прашања, институционален дијалог и се надевам дека ќе резонира онаму каде што требало да се направат системски промени – истакна Мицевски.
Режисерката на филмот, Косара Митиќ, рече дека филмот „17“ раскажува еден брутален реализам, отвора некои прашања што обично се чуваат зад затворени врата не затоа што се ретки туку затоа што се многу непријатни.
Митиќ истакна дека првиот импулс за да почне да го прави филмот дошол од вистински настан.
– Прочитав вест за девојка што отишла на апсолвентска екскурзија и се породила на граничниот премин Табановце во јавен тоалет, го оставила бебето во канта за отпадоци и се вратила назад на патувањето како ништо да не се случило. Кога го прочитав самиот чин дека никој не знаел за тоа дека е бремена, ме вознемири многу повеќе отколку самиот акт. Се запрашав како е тоа возможно. На некој начин тоа не го гледаме како индивидуален неуспех, туку како колективен неуспех. Филмот не се заимава со барање одговори, обвинување, морализирање, туку се занимава со тоа кој е одговорен, односно кои луѓе, институции дозволиле такво нешто да се случи. Во филмот има млади две тинејџерки, кои поминуваат трауми, кои го менуваат животот и тишината околу нив е најбрутална и најнасилна – истакна Митиќ.
Појасни дека тоа главно биле главната инспирација и мотивацијата. Филмот, нагласи, не обработува настан, туку е филм на состојба, пред сè, така што женската перспектива постои, но постојат и подлабоки нешта – како младите жени се опружени со физичко и психичко насилство и како таа тишина околу нив функционира, односно насилството станува колективно и сосема нормално и со каква сила одат тие низ тој молк.
– Со актерите се трудевме да нурнеме интимно во карактерите, во животите на главните карактери и тоа го направиме преку нивните интимни животи. Копавме за да стигнеме до нивната тага, нивниот гнев и на тој начин успеавме да дојдеме до главната срж на карактерите и на она што тие го чувствуваат – додаде Митиќ.
Продуцентот Томи Салковски рече дека филмот е нетипичен за домашната кинематографија, ги отвора проблемите и дека сакале да покажат како живееме, односно дека секојдневно премолчуваме некакви работи што се случуваат.
Посочи дека во програмата „Перспективи“ на годинешниот 76. Берлински филмски фестивал посебен акцент е ставен на дебитантните филмови, тоа секогаш е интенција на големите фестивали да ги поделат дебитантските филмови, да не се натпреваруваат со супер ѕвездите и со супер продукциите, и дека тоа е секогаш неблагодарно.
– „Перспективи“ е дел од главната селекција, но само се поделени дебитантите како најперспективните нови таленти што ги претставува „Берлиналето“ дека доаѓаат на светот со интенција дека следните години ќе влезат во натпреваруваат за наградата „Златна мечка“, односно во најглавната програма. Ова за сите нас, за цела Македонија, е преголем успех. Многу сме среќни. Ова е голем успех за филмот, за продукцијата, за целата екипа, за Агенцијата за филм и за целата македонска култура и,генерално, за Македонија. Вчера бев изненаден кога слушнав дека има речиси 350 илјади аплицирани филмови и дека е супер рекорд на сите времиња на Берлиналето. И во сите 350 илјади аплицирани филмови нас први нè презентираа вчера на прес-конференција, што е дополнително задоволство. Тоа е многу голем успех за сите нас – додаде Салковски.
Актерката Ева Костиќ, која ја игра Сара, рече дека снимањето на филмот било долг, интересен, емотивен процес. Актерката Мартина Даниловска, која ја игра Лина во филмот, рече дека било предизвик и дека доближувањето до нивната лична ранливост го направила тоа и самите ликови да се поврзат со нив и тие со нив, да се поврзат двете со Сара, освен како ликови, како Мартина и Ева, и тоа да може да придонесе така да изгледа и поврзаноста и на Лина и на Сара.

Во филмот „17“ играат и Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, „СЕЕ синема нетворк“ (SEE Cinema Network) и „Синелинк ворк ин прогрес“ (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски филмски фестивал
јануари 22, 2026


