Економија
Народната банка: Во декември годишен раст од 10,1% на вкупните депозити и од 13% на вкупната кредитна поддршка
Лани во декември вкупните депозити бележат раст од 10,1 проценти на годишно ниво, а вкупната кредитна поддршка има раст од 13 проценти, покажуваат резултатите од извештајот на Народната банка (НБ).
Како што информираат од НБ, во декември 2025 година паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) оствари месечен раст од 4,9 проценти под влијание на зголемените депозитни пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, а во услови на пад на долгорочните депозити до две години. Годишниот раст на паричната маса изнесува 10,4 проценти и пред сè произлегува од повисоките депозитни пари и краткорочните депозити при помал позитивен придонес и на готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години.
– Вкупните депозити во декември забележаа месечно зголемување од 4,4 проценти, кое се должи на повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1 проценти, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор – соопшти НБ.
Во декември, се вели во соопштението, вкупните кредити бележат месечен раст од 3 проценти, кој се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, кое е поизразено кај корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13 проценти како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Депозитите на корпоративниот сектор, пак, во декември, се зголемени за 6 проценти на месечна основа, главно под влијание на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари при помал раст и на краткорочните и долгорочните депозити во денари, а во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута. Во споредба со декември минатата година, растот од 6,5 проценти се должи на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити, а во помала мера и на долгорочните депозити во денари, а долгорочните депозити во странска валута забележаа намалување.
– Овој месец кредитите на корпоративниот сектор бележат месечен раст од 5,1 проценти, кој во поголем дел е резултат на повисоките кредити во денари при помал раст и на кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 15,3 проценти и во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари – посочуваат од НБ.
Вкупните депозити на домаќинствата, како што велат, во декември се повисоки за 3,6 проценти на месечна основа. Притоа промената речиси во целост се должи на растот на депозитните пари при помал раст и на краткорочните депозити, а долгорочните депозити забележаа намалување. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 12,1 проценти и во најголем дел е резултат на зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута.
– Во декември кредитите на домаќинствата забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9 и 10,9 проценти, соодветно, поради растот на кредитирањето во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари. Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во декември најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити – бележат месечен раст од 1,4 и 1,7 процент, соодветно, при годишен раст од 10,6 и 15,8 проценти, соодветно. Овој месец автомобилските кредити се намалени за 2,1 процента на месечна основа, а на годишна основа остварија раст од 1,3 процент. Кредитите одобрени на кредитните картички во декември забележаа месечен и годишен пад од 1 и 5,5 процент, соодветно. Во декември негативните салда на тековните сметки и на кредитите одобрени врз други основи бележат месечно намалување од 16,4 и 1,4 проценти, соодветно, при годишен пад од 2,5 и 11,4 проценти, соодветно, појаснуваат од НБ.
јануари 22, 2026


