Connect with us

Регион

ЕК започна истрага за арбитражна пресуда со која Бугарија треба да плати отштета на компанија од Малта

Европската комисија отвори истрага за да процени дали арбитражна одлука со која на Бугарија ѝ е наложено да ѝ исплати надомест за штета на малтешката компанија АЦФ е во согласност со правилата на ЕУ за државна помош.

Со арбитражната одлука, донесена во јануари 2024 година, се оценува дека Бугарија го прекршила Договорот за енергетската повелба со тоа што во три наврати, во 2013, 2014 и 2015 година, ја изменила воспоставената шема за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори и се налага на АЦФ да ѝ биде исплатен надомест за загубите поради овие измени во износ од 61,04 милиони евра плус камата.

Арбитражата е покрената на иницијатива на АЦФ, која во 2012 година инвестирала во секторот за обновлива енергија во Бугарија со купување соларна фотоволтаична електрана и добила поддршка врз основа на шемата воспоставена во 2011 година. Но, со измените на шемата поддршката што ја добила малтешката компанија била помала од првично предвидената, поради што таа покренала постапка против Бугарија.

По добиената арбитражна пресуда, согласно правилата за државна помош, Бугарија ја известила Комисијата за нејзината содржина, но до сега не и исплатила никаков надомест на АЦФ.

Прелиминарниот став на Европската комисија е дека евентуална исплата на средствата на АЦФ согласно арбитражната пресуда, врз основа на член 107 став 1 од Договорот за функционирање на ЕУ би се третирало како „државна помош“, што е некомпатибилно со правилата на внатрешниот пазар.

– Комисијата дополнително ќе ја испита мерката и нејзината компатибилност со внатрешниот пазар, а особено евентуалното кршење на договорите на ЕУ со неа, соопшти ЕК.

Согласно правилата на ЕУ, забрането е исплата на државна помош на компании, освен со одобрение на Еврокомисијата, која треба да процени дали таа е компатибилна со функционирањето на внатрешниот пазар.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2