Connect with us

Вести

Со измени на законите за полицијата и за внатрешните работи се враќа Одделот за внатрешни работи – Скопје

Во рамките на 81. пленарна седница пратениците денеска ја прифатија потребата за измени и дополнувања на Законот за внатрешните работи и на Законот за полицијата, по скратена постапка, со што се овозможува организациска промена, односно трансформација на Секторот за внатрешни работи Скопје во Оддел за внатрешни работи и се предвидува дополнување со нова работна позиција – началник на Одделот за внатрешни работи – Скопје. 

Измените и дополнувањата на Законот за полицијата, по скратена постапка, како што се појаснува, се за унапредување на организациската структура на полициските единици, со посебен акцент на територијата на градот Скопје, каде што се потребни поголема ефикасност, подобра координација и оптимално искористување на човечките и материјалните ресурси во Министерството за внатрешни работи поради што со законот се овозможува организациска промена, односно трансформација на Секторот за внатрешни работи Скопје во Оддел за внатрешни работи – Скопје.  

– Оваа организациска единица со предложените законски измени и дополнувања добива повисок организациски статус во рамките на полициската структура. Дополнително, со предлог-законот се извршува и терминолошка корекција во однос на криминалистичко-техничките работи – се наведува во образложението на предлог-законот, предложен од група пратеници. 

Поради потребата од појасно разграничување на организациските единици за внатрешни работи, како и прецизирање на начинот на утврдување на секторите за внатрешни работи и Одделот за внатрешни работи – Скопје, со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи, по скратена постапка, се предвидува дополнување со нова работна позиција – началник на Одделот за внатрешни работи – Скопје.

Предложеното уредување на оваа област произлегува од воспоставениот модел во минатото, со кој во Министерството за внатрешни работи раководителот на Секторот за внатрешни работи имал повисока позиција во однос на раководителите на другите сектори. Истовремено, решението ја следи и територијалната поставеност во државата, при што градот Скопје е издвоен како посебна територијална организација во однос на другите единици на локалната самоуправа – се наведува во предлог-текстот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на седницата рече дека овие закони треба да се носат во редовна постапка бидејќи се врши промена во структуратаа на Министерството за внатрешни работи.

Седницата почна со опозициските прашања до владините функционери.   

На дневен ред на оваа 81. седница седница се и предлог-одлуката за изменување на одлуката за одобрување да се продолжи рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, предлог-законот за престанување на важењето на Законот за вонсудското спогодување, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за регистар на задолжителното социјално осигурување, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за системот за процена на лицата со попреченост, предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа по рамковниот договор за заем за дополнително финансирање на проектот за изградба на фискултурни сали, сите во второ читање, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полицијата, и двата по скратена постапка.

Исто така, пред пратениците се и финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурувањето за 2026 година, предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2026 година и предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2026 година.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4