Connect with us

Вести

Сиљановска пред дипломатскиот кор: Потребен е нов импулс на мултилатерализам што ќе ги штити слабите и не дозволува правдата да е привилегија на силните

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Охрид го организираше традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, при што ја истакна важноста на културната, економската, спортската и научната, покрај традиционалната дипломатија. Според претседателката, дипломатијата не е само збир на протоколарни активности, туку докажан цивилизациски механизам којшто успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови.

– Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје – рече Силјановска-Давкова и додаде дека лично, повеќе верува во силата на аргументот, отколку во аргументот на силата.

Таа истакна дека сегашноста е новата реалност, конфузна, контрадикторна и неизвесна. Притоа меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ, оружјето не мирува, туку се активира, дебатата за хармонијата со природата стивнува, евроатлантицизмот не е синоним за усогласена и солидарна алијанса.

– Претпочитам тркалезни Артурови маси, наместо мапи на фронтови и цели на уништување. Повеќе верувам во силата на аргументот, одошто во аргументот на силата. За мене, мирот не е само отсуство на војна, или нејзино продолжение, туку природна состојба, иманентна на човечката генеричка суштина – рече претседателката.

Силјановска-Давкова истакна дека секоја средба со претставниците на дипломатскиот кор ја потсетувала и убедувала дека меѓународниот систем не е само механички збир на норми, институции, актери и односи, туку инспириран и втемелен на врвни вредности и принципи, околу коишто се градела меѓусебната доверба и вербата во хуманото, доброто и праведното – внимателно, тивко, полека и со многу трпение.

Таа рече дека не верувала оти толку бргу ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за коишто мислела дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружување, време на хибридни закани, сајбер-напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам…

– Седуммината најсилни, коишто ја гарантираат светската безбедност, за жал, не секогаш беа зад Повелбата и најважните меѓународни документи, а останатите, оние во Генералното собрание, не секогаш гласно и одлучно реагираа, овозможувајќи Обединетите нации да станат разединети нации, мултилатерализмот да се трансформира во мултиполаризам, со силни елементи на нова студена војна, што ги враќа сеќавањата на Лигата на народите. Lex- от не е rex, а етиката и моралот станаа ‘надминати и старомодни феномени’. Легалното сe помалку е праведно, а праведното ретко станува легално, рече претседателката.

Притоа посочи дека малите држави на сопственото искуство, најдобро ја спознаа меѓународната политиката како сила. Тие најчесто, први и најдлабоко ја чувствуваат разликата меѓу принципите, зборовите и реалноста.

– Ама, во анархичниот меѓународен систем, во отсуство на спреги и кочници, неограничената и несанкционираната моќ има тенденција да расте, па и релативно силниот станува слаб во однос на суперсилниот. Токму затоа,  малите држави заедно со средните мора да бидат најгласните поддржувачи на мултилатерализамот во ера на разгоропаден мултиполаризам, старо-нови голијати, па и  неоунилатералистичка геополитичка, економска и енергетска доминација – кажа Силјановска-Давкова.

За годината што изминува таа посочи дека Македонија била кредибилен ЕУ партнер, одговорна, активна и кредибилна членка на НАТО, докажан фактор на стабилност во регионот.

– Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува…Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет – рече таа притоа истакнувајќи ја тежината на живеењето во перманентна неизвесност.

Чудно е, наведе Силјановска-Давкова, „да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди. Демократијата се учи од демократи и со демократи. Довербата се гради преку разбирање и помагање, а не преку условување и уцени“.

Во услови на реални воени ризици, но и со климатски, енергетски и економски потреси, бебедноста, како што рече, не е само прашање на географија и територија, туку и на отпорност на институциите, стабилност на општеството и доверба на граѓаните.

– Ние сме мала држава, но културно и духовно компетитивна актерка. За нас, како и за сите вас, идентитетот не е аргумент против ЕУ, туку аргумент за ЕУ, затоа што Европа е богата токму поради својата различност…Колку пати сме докажале дека може да бидеме партнер којшто персонифицира вредности, а не проблеми, иако постојано не третирате како проблематични – рече Силјановска-Давкова.

За проширувањето на ЕУ рече дека не е тест само за кандидатите, туку и за европскиот демократски капацитет и кредибилност, со забелешка дека ако правилата важат различно, тогаш тие се инструмент на политичка арбитрарност.

– Конечно, Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство. Ние немаме проблем да разговараме. Напротив – ние сме народ и држава што живеат со реалноста дека соседството не е избор, туку судбина. Понекогаш, кога сум разочарана, велам: не случајно живееме едни до други или едни со други – тоа е јасна порака дека делиме не само заедничка реалност, туку и заедничка иднина. Но токму затоа, одговорноста е двојна: наша и европска – рече претседателката притоа нагласувајќи дека добрососедството не смее да биде алиби за блокада, дијалогот не смее да се претвори во инструмент за условување, Европскиот процес не смее да се претвори во арена во која билатералното ќе го диктира европското…

Таа уште истакна дека ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост.

– Се поставува прашањето: дали европската интеграција е процес што ги европеизира кандидатите, или процес што ризикува да ја балканизира европската политика на проширување? Ние не бараме посебен третман. Не бараме привилегија. Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхагенските критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото. Само така, европската перспектива ќе остане кредибилна. Само така, надежта ќе остане рационална, а не сентиментална. И само така, ЕУ ќе ја добие битката за инспиративен, почитуван меѓународен актер – истакна Силјановска-Давкова.

Претседателката ја искористи можноста да посочи дека 2025 година ќе остане тетовирана во нејзината лична и колективна меморија по активната болна траума – трагедијата во Кочани, притоа заблагодарувајќи се на солидарноста и помошта на државите пред чии гласници се обрати.

Инаку, во име на претставниците на дипломатите свое обраќање имаше доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, кој изрази благодарност до претседателката за нејзината политика на отворени врати и континуирано пријателство со дипломатската заедница.

Истакнувајќи дека во нашата земја, дипломатите препознаваат доверлив и конструктивен партнер, амбасадорот Јаќимовиќ рече дека меѓународната заедница особено ја цени државната посветеност на регионалната соработка, на добрите меѓусоседски односи и на ангажманот на меѓународната сцена.

Пред присутните, тој потенцираше дека дипломатскиот кор и натаму посветено ќе ги исполнува своите должности, согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, градејќи цврсти мостови на пријателство, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1