Connect with us

Регион

Невреме во Грција – затворени училишта, пораки со предупредувања и забрана за пловидба

Невремето што од утрово ја зафати цела Грција со обилни врнежи од дожд и грмежи, снежни врнежи и во места со ниска надморска височина и силен ветер, резултираше училиштата во повеќе делови на земјата да останат затворени, да се воведат мерки за заштита на вработените, да се испратат предупредувачки пораки до граѓаните, а на трите атински пристаништа е воведена забрана за пловидба, јави дописничката на МИА од Атина.

За претстојното невреме вчера се одржаа состаноци во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција каде што беа разгледани сите околности и одлучено за регионите Атика, Пелопонез, Тесалија и централна и северозападна Грција да се издаде црвено предупредување и се во состојба на мобилизација (Red Code).

Дополнително, беше одлучено противпожарната служба да биде во состојба на готовност, со посебен акцент на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а во состојба на зголемена готовност е и армијата, грчката полиција и крајбрежната служба.

За невремето, од бројот 112 за итни случаи синоќа беа испратени пораки до жителите на пет региони да ги ограничат нивните движења, додека пак утрово иста порака добија и сите оние што се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

-Поради интензивни временски појави што се очекуваат во периферијата Атика од пладне до доцна навечер во среда, ограничете ги вашите движења само на апсолутно неопходните. Следете ги упатствата на надлежните органи, пишува во пораката од бројот 112.

Поради силниот ветер, бродовите и траектите остануваат закотвени на трите пристаништа во Атина, по издадената забрана за пловидба.

Основните и средните училишта, како и градинките, во повеќе делови на Грција, вклучително и во Атина денеска се затворени, а учениците следат онлајн настава.

Со одлука на префектот на периферијата Атика Никос Хардаљас и по препорака на членовите на Комисијата за процена на опасности, на цивилната заштита и на Националната метеоролошка служба, превентивно ќе останат затворени сите државни и приватни основни и средни училишта на целата територија на Атика.

Одлуката, како што информираа од периферијата, е со цел заштита на учениците и наставниот кадар од опасностите што може да произлезат од движењата од и кон училиштата, бидејќи од пладне се очекуваат интензивни врнежи од дожд со висока јачина.

Хардаљас, рече дека ги знаат „капацитетите и слабостите на старите инфраструктури“ и затоа избираат превентивен пристап, бидејќи „одговорноста кон децата е јасна и не трпи ризик, а кога станува збор за нивната безбедност, должни сме да бидеме чекор понапред“.

За вработените и во приватниот и во државниот сектор, издадено е упатство за работа од дома во случај да не се во можност да стигнат на работното место, а паралелно за сите што работат на отворено постои задолжителен прекин на работата.

Од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, денешните најави за дожд се класифицирани во Категорија 5 (Екстремна), додека пак директорот на одделот за истражување во опсерваторијата Константинос Лагувардос, за информативниот портал „Ин“ објасни дека во пладневните часови во Атика се очекува „големо и загрижувачко количество дожд за многу краток временски период“, нагласувајќи дека „можно е да наврнат и 50 до 60 милиметри дожд во рок од шест часа“, односно 50-60 литри на квадратен метар

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4