Свет
Германската армија со рекорден број војници: највисоко ниво на пополнетост во последните 12 години
Бројноста на германската војска го достигна највисокото ниво во последните 12 години со вкупно 184.200 активни војници, соопшти денеска министерот за одбрана, Борис Писториус, во изјава за ДПА.
Активните сили на Бундесверот се зголемија за речиси 3.000 војници во текот на 2025 година, што, според Писториус, претставува најдобар резултат во регрутацијата во последните 15 години.
Овој раст доаѓа во време кога Германија се стреми да го зголеми бројот на војници на 260.000 до средината на 2030-тите години. Оваа цел е во согласност со новите стандарди на НАТО договорени минатата година како одговор на зголемената закана од Русија по инвазијата врз Украина.
По повеќемесечна дебата, владата на канцеларот Фридрих Мерц кон крајот на минатата година го реформира служењето во војска, со што повторно се воведоа задолжителни медицински прегледи за мажите, кои исто така се обврзани да се регистрираат во воената евиденција. Иако активната служба во првата фаза е доброволна, таа би можела да стане задолжителна доколку бројот на регрути падне под предвидените цели.
Писториус истакна дека зголемениот интерес за воената служба е знак за доверба во институцијата:
– Младите луѓе се сè повеќе подготвени да се посветат на надворешната безбедност на Германија. Ова ме прави оптимист дека и во 2026 година многу мотивирани мажи и жени ќе изберат да му се приклучат на Бундесверот, без разлика дали во цивилни или воени улоги – истакна Писториус.
Портпаролот на Министерството за одбрана нагласи дека на германската војска итно ѝ се потребни дополнителен персонал, опрема и инфраструктура со цел земјата да даде значаен придонес во одвраќањето и одбраната на алијансата.
Покрај новите регрути, зголемени се и напорите за задржување на веќе постојниот кадар. Во 2025 година речиси 8.500 војници се согласиле да ја продолжат својата служба во Бундесверот, што е зголемување за шест проценти во споредба со претходната година.
јануари 21, 2026


