Фудбал
Камара: Кога Мане зборува, сите Сенегалци слушаат
Сенегалскиот фудбалски репрезентативец Ламин Камара изјави дека неговиот соиграч Садио Мане е најзаслужниот за вчерашната победа над Мароко во драматичното финале на Африканскиот куп на нации.
Во финалето во Рабат, Сенегал го победи Мароко по продолженијата со 1:0, а, иако не постигна гол, Мане стана херој на Сенегал.
Финалето беше на работ на прекин, откако гневните сенегалски навивачи се обидоа да влезат на теренот по одлуката на судијата да досуди пенал во корист на Мароко длабоко во судиското продолжение, само неколку минути откако на Сенегал му беше поништен гол.
Сенегалските фудбалери, потоа, на повик на селекторот, го напуштија теренот.
Сепак, Мане во соблекувалната ги убедил своите соиграчи да се вратат на теренот и финалето продолжи. Брахим Дијаз не го реализираше пеналот за Мароко во 24 минута од судиското продолжение во регуларниот дел, а Папе Гаје во четвртата минута од првото продолжение го постигна победоносниот гол за Сенегал.
-Бевме во соблекувалната. Мане беше единствениот кој влезе викајќи, ни викаше да излеземе и да го завршиме натпреварот. И на крајот беше во право. Излеговме, го послушавме, бидејќи кога Садио зборува, сите слушаат. Го послушавме и на крајот сè помина добро за нас, рече Камара.
јануари 19, 2026


