Скопје
24 годишниот Дарко Митровиќ го извади чесниот крст од водите на Вардар
Дваесет и четригодишниот Дарко Митровиќ од општина Центар, роден на 3 јули 2001 година, денеска беше најсреќен и го извади светиот и животворен крст од водите на Вардар во рамки на централната манифестација за одбележување на празникот Водици во Скопје, што се одржа кај мостот „Слобода“ кај х. „Холидеј ин“.
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан пред положувањето на крстот во Вардар истакна дека Богојавлението е празник на обновувањето, на можноста за запознавање со Бога.
– Како што вели Св. Климент Охридски ние треба да го слушнеме Христовиот глас, да се покаеме, просветлувајќи се со смирение, цветајќи со братољубие, приближувајќи се кон Бога со гостопримство, вознесувајќи се до небесата со постење и правејќи се синови божји со милостина, рече г. г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан нагласи дека должноста на секој христијанин е преку честит и богоугоден живот да се подготвува за вечна заедница со Бога, од тука, како што рече, потребно е постојано да бдееме над своето срце, над мислите, зборовите и делата за благодатта што ни е дадена да остане плодотворна.
– Токму затоа особено денес не допираат зборовите кои штотуку ги испеавме – гласот Господов над водите повикува пријдете и примете го сите Духот на премудроста и разумот, Духот на Христа кој се јави. Овој повик е упатен до секој нас. Сите сме призвани да пристапиме, да вкусиме и да учествуваме во радоста на Богојавлението, во радоста на самиот Господ, потенцира г. г. Стефан.
Дарко Митровиќ на подарок доби осветена икона и Библија од г.г. Стефан, а икони доби и од градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Доби и ваучер со вредност од 15 илјади денари од компанијата „Зегин“.
Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
јануари 19, 2026


