Регион
Земјоделците од главните блокади во Грција во последен момент одлучија да не дојдат на денешната средба со Мицотакис
Закажаната средба за денеска на земјоделците од главните блокади низ цела Грција со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, сепак нема да се одржи, откако земјоделците од над 55 блокови доцна синоќа одлучија да не дојдат на состанокот затоа што, како што тврдат, владините ограничувања на бројот на претставници ги поткопуваат изгледите за значаен дијалог и планираат дополнително да ги интензивираат протестите, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска сепак ќе одржи средба со земјоделци, но со претставници на само 18 блокади, односно со оние кои уште од минатиот месец се дистанцираа од останатите и побараа дијалог со владата.
Откако минатата седмица Владата упати нова покана за средба за денеска, земјоделците од главните блокади прифатија, одржаа состаноци во текот на викендот и одредија два комитети за две одвоени средби со Мицотакис: едната со 25 лица, претставници на земјоделците, другата со десет претставници на сточарите, рибарите и пчеларите.
Сега, велат дека иако за ова постоел договор со Министерството за земјоделство, од кабинетот на премиерот во последен момент им било побарано составот на делегацијата да не биде над 20 лица со вклучени претставници од двата комитети и да се одржи само една средба, нешто што доцна синоќа беше отфрлено од сите блокови што веќе 45 дена се наоѓаат на автопатиштата во Грција.
Земјоделците, според грчките медиуми, оценуваат дека под овие услови не може да има суштински дијалог и ги осудуваат владините постапки што, според нив, имаат за цел да го поделат земјоделскиот фронт.
Владини извори, коментирајќи го одбивањето на земјоделците да присуствуваат на средбата, за грчките медиуми, посочиле дека овој став покажува дека намерите на одредени претставници на блоковите „не се однесуваат на задоволување на праведните барања на земјоделците“, додавајќи дека „секој што верува во праведноста на нивните барања и во решение, доаѓа на дијалог“.
– За жал, уште еднаш секој обид за дијалог од страна на Владата се урива, исклучиво по вина на мала група претставници на примарниот сектор, кои ја користат земјоделската борба како алиби за лични или вонинституционални цели и кои сакаа средба со Премиерот и со лица кои се под истрага од надлежните органи за нелегални субвенции или противзаконско однесување, коментирале грчки владини извори.
Грчкиот премиер во 15 часот по локално време ќе се сретне со претставници на земјоделците (од Солун, Крит, Пелопонез и сл.) кои се дистанцираа и зазедоа поинаков став од останатите блокади и уште од првиот момент бараа дијалог со Владата.
Одбивањето на претставниците од централните блокади да присуствуваа на средбата ја искомплицира ситуацијата што се чинеше дека се смирува, со оглед на тоа што најавија заострување на протестите и ја оставија отворена можноста со тракторите да одржат протест во Атина.
Паралелно, како што одлучија на синоќешните состаноци, продолжуваат да бараат суштински дијалог и средба со грчкиот премиер, под услов да учествуваат 25 претставници на земјоделци и десет претставници на сточарите, пчеларите и рибарите.
Протестите на земјоделците во Грција започнаа на 30 ноември.
јануари 13, 2026


