Свет
Врховен командант на НАТО во Европа: Алијансата не е во криза и е подготвена да ги брани членките
НАТО е далеку од криза и е подготвен да ги брани своите земји членки, изјави денеска врховниот командант на сојузничките сили на Алијансата во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич.
Изјавата доаѓа по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека би можел со сила да го преземе Гренланд, автономна територија на Данска.
– Досега ова немаше никакво влијание врз мојата работа на воено ниво, така што би рекол дека денес сме подготвени да го браниме секој сантиметар од Алијансата, изјави Гринкевич за време на посетата на Финска. Тој додаде дека, според неговата оценка, НАТО во моментов е далеку од кризна состојба.
Данска, вклучително и Гренланд, е членка на НАТО, а евентуален американски напад врз земја членка на Алијансата би значел „крај на сè“, предупреди данската премиерка Мете Фредериксен.
Американскиот претседател Трамп тврди дека САД треба да преземат контрола врз Гренланд за да ја гарантираат сопствената безбедност во однос на Кина и Русија. Белата куќа, иако не ја исклучува можноста за употреба на сила, соопшти дека претседателот „активно“ ја разгледува идејата за купување на големиот арктички остров, без да појасни како би се реализирала таква зделка.
Во интервју за „Њујорк тајмс“, Трамп призна дека можеби ќе мора да избира меѓу зачувување на единството на НАТО и контролата врз данската територија. Запрашан за овие изјави во финскиот град Вантаа, северно од Хелсинки, Гринкевич одби детално да го коментира „политичкиот аспект“ на прашањето за Гренланд.
– Се обидуваме да одвратиме какви било дејства против територијата на Алијансата. Мислам дека во тоа успеваме и тоа го гледаме секој ден, нагласи тој.
Изјавите на американскиот претседател во врска со Гренланд ги загрижуваат европските членки на НАТО, кои во нив гледаат егзистенцијална закана за Алијансата. Досега Данска доби поддршка од Италија, Франција, Германија, Полска, Шпанија и Велика Британија
јануари 10, 2026


