Општини
Регионите успешно се справуваат по обилниот дожд – кризните штабови постојано заседаваат
Републичкиот Центар за управување со кризи (РЦУК) информира дека во регионите низ земјава се стабилизира состојбата по обилниот дожд што падна деновиве и предизвика пречки во сообраќајот.
Во пелагонискиот регион, состојбата во градското подрачје на Општина Битола е нормализирана и нема тековни проблеми, освен во населбата Стрчин каде се евидентирани наноси од чакал и земја и каде една градежна машина на КЈП „Нискоградба“ интервенира на расчистување на улиците. Во село Кравари се заезерени земјоделски површини од околу 10 до 20 хектари, без опасност по станбени и индустриски објекти, при што проблемот е предизвикан од затрупување на одводните канали. Во селата Жабени и Породин се поплавени земјоделски површини од околу 70 до 80 хектари, а Елешка река има излевање со поплавени околу 100 хектари земјоделско земјиште, при што ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација.
Во Општина Ресен, како последица од обилните врнежи, поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање јаболка, а поради излевање на Голема река кај повеќе мостови беше извршено пренасочување на сообраќајот. Водостојот на Голема река е во намалување и состојбата е нормализирана.
Во Општина Крушево беше регистрирано зголемување на водостојот и локално излевање на реката Црна кај село Бучин, но реката е повлечена и моментално не постои ризик од ново излевање. Во Општина Демир Хисар, водата кај село Граиште е повлечена, патниот правец Бараково – Вардино е прооден, додека поради оштетен мост на Боишка река патот кон село Мренога е затворен за сообраќај.
Во Општина Прилеп нема пријавени штети и не се евидентирани поплавувања, додека во Општина Кривогаштани имаше локално излевање на Крушевска река со поплавени неколку ниви, но без материјална штета. Во Општина Долнени е пријавена штета од еден жител во село Лажани со поплавен двор и приземни простории, како и оштетување на тутунот, а поплавувања се евидентирани и во село Пешталево, при што е интервенирано со градежна механизација.
Во Југозападниот регион, состојбата на територијата на Општина Охрид е стабилна и нема прелевање на реките, кои се вратени во своите корита, а преостанати се само мал број поплавени подрумски простории каде се врши испумпување на водата. Во Општина Кичево се бележи намалување на водостојот на реките Зајашка и Треска и постепено повлекување на водата. Екипите на ТППЕ Кичево и ЈП „Комуналец“ интервенираат со испумпување на водата и расчистување на каналите. Состојбата со поплавените станбени објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета и евакуираните 120 лица сè уште се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што се обезбедени здравствена заштита, топол оброк, лекови и хигиенски услови.
Според информациите од РЦУК – Тетово, во Полошкиот регион нема поголеми нарушувања на редовната состојба поврзани со обилните врнежи, при што патот кон месноста Бањиче е исчистен, но сообраќајот е забранет од безбедносни причини. Патот кон село Ѓермо е прооден, а патот кон село Бродец е делумно прооден со интервенции за расчистување во тек. Во Општина Желино е пријавено излевање на реката Вардар во село Стримница, каде што е испратена механизација и состојбата континуирано се следи.
Зголемен водостој на реките е ресгитриран и во Источен регион. Според информациите од РЦУК – Штип, на подрачјето на ПО РЦУК Кочани беше забележано зголемување на водостојот на реките и одводните канали, при што Кочанска река имаше локално излевање кај село Горни Подлог, а Оризарска река кај село Грдовци. На двете локации беше интервенирано со механизација, сообраќајот кај Грдовци е повторно воспоставен и досега нема пријавени штети. Во Општина Пробиштип, поради појава на голомразица, беше извршено посипување на патиштата со сол и ризла, при што сите патни правци се проодни и се препорачува внимателно возење.
Според информациите од РЦУК – Скопје, на подрачјето на Скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд, освен мало локално излевање на реката Вардар во Општина Зелениково, кое не предизвикало материјална штета, при што се препорачува внимателно движење во близина на речното корито.
Обичниот дожд не го одмина ниту Вардарски регион. РЦУК – Велес информира дека на подрачјето на Вардарскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд, но водостојот на реката Вардар кај Велес е зголемен и речното корито во централното градско подрачје е речиси исполнето, без ризик од излевање кон станбени објекти, при што се препорачува зголемена внимателност при движење покрај реката.
Според информациите од РЦУК – Куманово, на територијата на Општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема нарушување на редовната состојба и нема излевање на реките. Исто така, на подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово состојбата е стабилна, сите патни правци се проодни и снабдувањето со електрична енергија е редовно.
На територијата на Струмичкиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд и засега нема пријавени штети, информираа од Републичкиот Центар за управување со кризи.



