Регион
Христодулидис: Секој кој има докази за мое директно или индиректно поткупување, да ги достави до надлежните органи
Сакам јавно да го повикам секој оној, кој има докази за директно или индиректно мое поткупување за време на претседателската кампања или за време на мојот мандат како претседател на државата, веднаш да ги достави до надлежните државни органи, изјави кипарскиот претседател Никос Христодулидис, во врска со видеото објавено на платформата Икс, според кое негови блиски соработници разговараат за „црни пари“ за финансирање на кампањата за претседателските избори, јави дописничката на МИА од Атина.
За видеото кое владиниот портпарол го карактеризираше како „производ на монтажа“ и се разгледува како „случај на хибридна активност против Република Кипар“, Христодулидис истакна дека на никого нема да му даде право да го обвинува за прашања поврзани со корупција.
– Напорите за привлекување инвестиции, кои ги започнав од првиот ден, ќе ги продолжам. Ќе ги продолжам затоа што се во интерес на нашата земја и драго ми е што овие напори носат резултати. И денес ги видовме резултатите од мојата посета на Соединетите Американски Држави, со најавата за американски инвестиции во нашата земја. И во рамките и на овие инвестиции, компаниите што доаѓаат, да, треба и општествено да придонесуваат за државата, во рамките на корпоративната општествена одговорност. И тие тоа го прават во области како што се здравството, социјалната заштита, одбраната и во многу други области, рече Христодулидис.
Видеото на Икс е објавено е од профил под името Емили Томпсон, која се претставува како независна истражувачка и пишува дека го добила видеото според кое претседателот Никос Христодулидис наводно „го прекршил лимитот за финансирање на кампања од еден милион евра преку лукава семејна мрежа“.
Во видеото чие потекло е непознато, се појавуваат поранешниот министер за енергетика Јоргос Лакотрипис, директорот на кабинетот на претседателот Хараламбос Хараламбус и Јоргос Хрисохос директор на групацијата „Cyfield“, најголемата градежна компанија на Кипар и се чини дека се снимени со скриена камера за време на приватни разговори.
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис во писмената изјава издадена вчера посочи дека „врз основа на првичната проценка на надлежната државна служба видеото е оценето како злонамерно и како производ на монтажа“ и со видеото „се прави обид, преку лажни и манипулативни тврдења и произволни заклучоци, да се наруши угледот на Владата и државата“.
– Врз основа на дополнителна истрага и податоците што веќе се собрани од надлежната служба, се разгледува случај на хибридна активност против Република Кипар. За случајот се информирани јавниот обвинител и началникот на полицијата, соопшти Летибиотис.
Видеото предизвика силни политички реакции на Кипар, лидери на политички партии и пратеници побараа јасни објаснувања од претседателот.
јануари 10, 2026


