Connect with us

Општини

Чипирање и системски решенија за проблемот со кучињата скитници, бараат ветеринарите од Куманово

Проблемот со кучињата скитници во североисточниот дел од државата бара итно и долгорочно системско решение, сметаат надлежните. Директорот на ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“, Зоран Пешевски, вели дека проблемот треба да почне да се решава со измени на Законот за благосостојба на животните и консултации треба да дадат сите инволвирани страни Агенцијата за храна и ветеринарство, здруженијата за заштита на животните, со цел да се изнајде модел за суштинска промена на постојниот систем.

– Не ни требаат козметички измени, туку целосна реформа на Законот за благосостојба на животните. Потребна е координација меѓу институциите, Агенцијата, општините и граѓанските организации за да изградиме функционален и одржлив модел, изјави Пешевски.

Тој укажува дека институциите не ги „произведуваат“ кучињата скитници, туку се директна последица на неодговорно сопствеништво.

– Кучињата на улица не се производ на системот, туку на луѓето. Граѓаните кои не ги стерилизираат своите миленици, ги напуштаат или не бараат помош од здруженијата и прифатилиштата, директно придонесуваат за проблемот, нагласува Пешевски.
Тој посочува дека прифатилиштата имаат ограничен капацитет, но секогаш се обидуваат да помогнат, доколку сопствениците навремено се обратат.

Во Куманово, секоја година се стерилизираат најмалку 150 кучиња, при што најголем акцент се става на женките, бидејќи тие се клучниот фактор за репродукцијата.

– Сите кучиња што ги враќаме на терен, без разлика на бојата на ознаката, се стерилизирани и машки и женски. Тие не можат да се размножуваат и го поминуваат тестот на социјализација. Ниту едно куче не се враќа ако покаже агресивно однесување.  Ги замолувам граѓаните да не ги напаѓаат оти се социјализирани и не се агресивни, изјави Пешевски.
Ветеринарниот центар активно соработува со здруженијата за заштита на животните, кои помагаат во вдомувањето преку социјални мрежи, фотографии и кампањи.

– Нашата цел не е кучињата да се вратат на улица, туку да добијат дом. Здруженијата имаат голема улога во тоа, нагласува Пешевски.


Искусниот ветеринар потсетува дека пред неколку години државата овозможи бесплатно чипирање, што даде позитивни резултати, но процесот не продолжи системски.

– Сите домашни миленици мора да бидат чипирани. Само така ќе знаеме кој е одговорен сопственик, а кој не. Без контрола, нема решение. Проблемот не може да се реши без сериозна државна стратегија, финансиска поддршка и почитување на законите. Можеме да зборуваме за грантови и проекти, но без спроведување на законот, ништо. Потребна е контрола, санкции и континуирана едукација на граѓаните, вели Пешевски и нагласува дека во развиените држави, дури и папагалите се чипирани.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 5