Connect with us

Регион

Бања Лука го одбележа Денот на Република Српска со парада и официјални гости од Србија

Во Бања Лука денеска се одбележува 9 Јануари – Денот на Република Српска, со низа официјални настани, меѓу кои свечена парада, архиерејска литургија и дипломатски приеми, јавуваат локални медиуми.

Српскиот патријарх Порфириј служеше света архиерејска литургија во храмот „Христос Спасител“, а на церемониите присуствуваат претставници на институциите на Република Српска, како и премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, и министри од српската влада.

Во своето обраќање преку социјалните мрежи, српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека Република Српска е „родена во оган, изградена во тешки времиња, оспорувана и негирана, но секогаш горда, непоколеблива и достоинствена“. Тој потсети на, како што наведе, 34-годишната борба за зачувување на српското име, верата, традицијата и идентитетот и нагласи дека Република Српска останува „силен бастион на стабилноста во регионот“.

„Денеска го славиме единството што нè поврзува преку историјата, културата и вредностите што ги споделуваме. Нашите врски се нераскинливи, силни и вечни, како суштината на српскиот народ, каде и да живее“, напиша Вучиќ на социјалните мрежи, упатувајќи порака за мир, соработка и почитување на различностите. Тој додаде дека Србија секогаш ќе стои покрај Република Српска и нејзиниот народ.

Денот на Република Српска, која е еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина, се одбележува на 9 јануари, бидејќи на тој датум во 1992 година првично била прогласена како „Република на српскиот народ во Босна и Херцеговина“, потсетува Радио-телевизијата на Србија (РТС). Подоцна името претрпело неколку промени, сè додека не било утврдено сегашното – Република Српска. На 9 јануари 1992 година, босанските Срби прогласија независност со цел приклучување кон Србија, а во војната што следеше загинаа околу 100.000 луѓе, меѓу кои 11.000 во Сараево, град што беше под опсада 43 месеци.

Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи Денот на Република Српска за неуставен.

На свечената академија во салата „Борик“, српскиот премиер Мацут изрази подготвеност Србија да ја продлабочува соработката со Република Српска во областите на културата, инфраструктурата, науката, здравството и образованието. Тој ја истакна важноста на трајните врски меѓу двете страни и ги повика институциите на Република Српска на заедничка работа.

– За мене е голема чест, како човек роден во овие краишта, да предводам висока делегација на Владата на Србија, која ја симболизира трајната поврзаност меѓу Србија и Република Српска, изјави Мацут на приемот во седиштето на владата во Бања Лука, честитајќи им го празникот на граѓаните и најавувајќи засилена соработка во наредниот период.

На настаните присуствуваа и претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, како и премиерот на ентитетот, Саво Миниќ. Свеченостите вклучуваат и официјални приеми за странски и домашни делегации.

Според Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на војната во Босна и Херцеговина (1992–1995), земјата е поделена на два полуавтономни ентитета – Република Српска, населена претежно со босански Срби, и Федерацијата Босна и Херцеговина, во која живеат Бошњаци и Хрвати. Двата ентитета имаат сопствени влади, парламенти и полиции, но се поврзани преку заеднички државни институции, вклучително судството, армијата, безбедносните служби и даночната администрација. 

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 1