Connect with us

Свет

Зимска бура ја зафати Германија, се очекуваат екстремни услови

Германија се подготвува за обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и силна бура, а делови од земјата веќе се погодени од снег и поледица.

„Од четврток навечер се очекуваат обилни врнежи во голем дел од земјата, со до 20 сантиметри нов снег во низините и појава на замрзнат дожд“, соопшти Германската метеоролошка служба (DWD).

DWD предупредува на „екстремни услови“ поради комбинацијата од силен ветер и снежни врнежи.

Според метеоролозите, временската состојба се должи на циклонот „Ели“, кој се приближува од југозапад со топол фронт и носи врнежи во форма на снег и дожд.

Неповолните временски услови веќе предизвикуваат бројни застои во патниот и железничкиот сообраќај. Поради силниот ветер, денеска на северот на земјата, во Хамбург, Бремен и Долна Саксонија, училиштата останаа затворени.

Кај Гехрде, во Долна Саксонија, изутринава загина возач на автомобил кој, според полицијата, поради поледица на државен пат изгубил контрола над возилото и удрил во дрво.

Несреќи предизвикани од поледица се регистрирани и во други сојузни покраини. Во Тирингија, на пример, автопатот А73 по судир на три автомобили кај Шлојзинген беше делумно затворен, соопшти полицијата.

Владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) поради временските услови ја откажа својата редовна затворена конвенција, која требаше да започне утре.

– Поради предупредувањата за екстремни временски услови и отежнатиот железнички и воздушен сообраќај, принудени сме да ја одложиме нашата конференција, изјави портпаролката на ЦДУ, Изабел Фишер.

Германската метеоролошка служба ги повика сите кои планираат патување во наредните денови внимателно да се информираат пред поаѓање, особено кога станува збор за воздушниот сообраќај, каде што делумно се очекуваат и целосни затворања на аеродромите.

Властите ги предупредуваат граѓаните да не излегуваат без потреба и да бидат особено внимателни поради поледицата, додека трауматолошките болници се подготвуваат за зголемен прилив на пациенти. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4