Општини
Зголемени водостоите во дебарскиот регион, но нема опасност од поплави
Обилните дождови што во изминатите денови беа присутни во поширокиот дебарски регион предизвикаа зголемување на дотеците на вода во реките Радика и Гарска Река, како и пораст на нивото на Дебарското Езеро. Сепак, поради конфигурацијата на теренот, на ова подрачје нема опасност од поплави.
-Засега нема никакви проблеми предизвикани од интензивните врнежи од дожд, кој услови зголемено нивото на Радика и Гарска Река, а со самото тоа и во Дебарско езеро. Поради конфигурацијата на теренот кај нас нема опасност од поплави. Можно е излевање на Радика кај Долно Косоврасти, но по објектите нема опасност. Дождот престана, сега има врнежи од снег, па дотекот ќе биде помал, изјави за МИА, Фемија Ајроски, раководител на Регионалниот Центар за управување со кризи-Дебар.
Според него, на патиштата во поширокиот регион, има чести одрони од камен и земја, но екипи на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта се постојано на терен во расчистување на истите, со цел безбедно одвивање на сообраќајот.
-Сепак поради тоа, но и најавените ниски ноќни и утрински температури, апелираме до учесниците во сообраќајот да бидат многу внимателни и строго да ја почитуваат патната сигнализација, апелира Ајроски.
Како што претходно потврдија за МИА, од секцијата, подготвени се за зимската сезона, како со потребната механизација, така и со абразивен материјал.
-Во пунктот кој се наоѓа во село Долно Косоврасти имаме 150 тони сол и 180 кубни метри ризла. Сметаме дека се доволни, но во случај на потреба ќе набавиме дополнителна количина абразивен материјал. Располагаме со потребната механизација а од почетокот на ноември работиме според зимско работно време, што подразбира 24-часовно дежурство, рекоа од секцијата.
При врнежи од дожд, најчесто одрони има на делницата Дебар-Жировница, кај селата Долно Косоврасти, Јанче и Жировница, како и во близина на Ростушки Мост, потоа на патот Дебер-Струга, кај месноста Манастирец, попознато како „Три чешми“, но и на патиштата кои водат кон Центар Жупа и подрачјето на Мала Река.
јануари 9, 2026


