Connect with us

Свет

Мадуро и сопругата изолирани во озлогласен затвор во Бруклин

Поранешните жители на пространиот претседателски дворец, соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, сега се соочуваат со сосема поинаква реалност зад ѕидовите на озлогласениот Метрополитенски притворски центар (МДЦ) во Бруклин. Како што пишува Си-Ен-Ен, во притворот ги очекуваат строги услови за престој и засилени безбедносни мерки.

Метрополитенскиот притворски центар во Њујорк е познат по лошите услови, честите прекини на струја и хроничниот недостиг од персонал. Сојузниот затворски консултант Сем Менгел без задршка ја опиша состојбата во установата.

– Тоа е навистина пекол. Климатизацијата е лоша, греењето исто така. Секој затвореник добива по едно волнено ќебе. Се спие на многу тенка комбинација од душек и перница со дебелина од околу пет сантиметри, поставени на метална плоча, изјави Менгел за Си-Ен-Ен.

Според проценките на експертите, Мадуро и Флорес се сместени во одвоени ќелии и изолирани од општата затворска популација.

– Во неговиот случај, станува збор за сериозен безбедносен ризик во општата популација, објасни Менгел.

– Никој не знае како би реагирале другите затвореници – припадници на банди или картели – така што неговото вклучување во општата популација во кој било момент би претставувало огромен безбедносен ризик за установата, додаде тој.

Престојот во изолација, позната како Посебна станбена единица (SHU), значи дека затворениците минуваат и до 23 часа дневно заклучени во ќелиите, со многу ограничен пристап до активности надвор од нив. Поранешниот директор на Сојузното биро за затвори, Хју Хурвиц, наведува дека двојката веројатно нема редовен меѓусебен контакт, освен доколку им се совпаднат термините за средби со адвокатите.

Станува збор за притворски центар чии услови адвокатите и затворениците без задршка ги опишуваат како „одвратни“ и „ужасувачки“. МДЦ се смета за опасно место, каде што во текот на 2024 година беа убиени двајца затвореници, а властите се под дополнителен притисок и по случајот со Џефри Епстин, кој во 2019 година изврши самоубиство во друг њујоршки притвор. Хурвиц смета дека токму поради тоа безбедносните протоколи сега се исклучително строги.

Инаку, на првото појавување пред судот на Менхетн, во понеделникот на 5 јануари, Мадуро и Флорес се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата за трговија со дрога и оружје. Судјата ги информираше за правото на консултации со конзуларни претставници на Венецуела.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 5