Хроника
23-годишна скопјанка уапсена за повеќе измами со лажни огласи за станови и хотелски резервации
Полициски службеници од СВР Тетово, во координација со СВР Скопје и Единицата за економски криминал при МВР, на 7 јануари 2026 година расчистија три кривични дела „измама“ и едно дело „измама“ во обид. Во рамки на акцијата, во Скопје е лишена од слобода А.Ј. (23) од Скопје.
Според информациите од МВР, осомничената преку социјална мрежа објавувала лажни огласи за издавање станови под наем во Тетово, при што телефонски ги убедувала оштетените лица да уплатат пари на нејзина банкарска сметка или да испратат готовина во коверт преку возачи на автобуси до Скопје.
Покрај тоа, таа измамила и едно лице кое уплатило пари за наводна резервација во хотел во Охрид.
Во еден од случаите, по контакт со трето лице од Тетово за издавање стан, оштетеното лице го пријавило случајот во СВР Тетово. Полицијата, во координација со Единицата за економски криминал, организирала контролирана испорака, при што преку возач на автобус било испратено празно плико. Осомничената била приведена во моментот кога дошла да го преземе пликото.
А.Ј. е задржана во полициска станица, а по целосно документирање на случаите против неа ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
јануари 9, 2026


