Connect with us

Свет

Земјоделски протести во Белгија против Договорот со Меркосур

Во организација на неколку белгиски земјоделски здруженија за денеска се најавени протести на земјоделците во Белгија како резултат на незадоволство од Трговскиот договор со латиноамериканските држави од организацијата Меркосур.

Фламанската Генерална унија на земјоделците (АБС) најави дека протестот на нејзините членови ќе започне во 11 часот со блокади со трактори на три значајни клучки на автопатите во близина на градовите Гент, Вомелгем и Зебриџ. АБС очекува на секоја од блокадите да присуствуваат по од 150 до 200 трактори и тие да траат до вечерните часови.

Валонските Федерција на млади земјоделци (ФЈА) и Обединета федерација на сточарски и земјоделски организации (ФУГЕА) соопштија дека нивните активисти денеска, исто така, со трактори ќе блокираат неколку сообраќајни клучки во Валонија, но дека со блокадите ќе продолжат и утре.

Најголемата фламанска земјоделска организација, Сојузот на земјоделци (ББ) нема да учествува на протестите, но негови активисти ќе организираат симболична акција со посета на неколку европратеници, кои ќе ги послужат со „последната порција вкусна белгиска храна“.

Според претседателот на ББ, Лоде Сајсенс, Сојузот бара од европратениците да преземат одговорност и да ги убедат другите свои колеги да го отфрлат усогласениот Договор со Меркосур и да го „вратат на преговарачката маса“.

– Во спротивно, нашата симболична порција со локално произведена чорба, кралски стек или слатки би можело да биде навистина последна. Ризикуваме да бидеме преплавени со неквалитетни, поевтини, па дури и опасни производи, изјави Сајсенс.

Паралелно и климатските активисти, кои исто така се противат на Договорот со Меркосур, упатија повик до граѓаните да се приклучат на протестите на земјоделците.

Договорот меѓу ЕУ и Меркосур требаше да биде потпишан на 20 декември 2025 година во Бразил, но потпишувањето беше одложено на инсистирање на Италија и Франција, кои побараа дополнително време за да ги убедат своите земјоделци за придобивките од договорот. Дополнително во меѓу време, за да го намали незадоволството на земјоделците, Европската комисија вети дополнителни земјоделски субвенции.

Како нов термин за потпишување на договорот се споменува 12 јануари, но конечната одлука ќе биде донесена на утрешниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер).

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 5