Connect with us

Општини

Последни два дена од кампањата за повторените избори за градоначалник во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа

Во недела на 11 јануари во земјава треба да се одржат повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Дваесетдневната изборна кампања за изборите завршува утре (9 јануари) на полноќ, по што започнува изборниот молк до завршување на гласањето на 11 јануари во 19 часот. Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), гласачките ливчиња веќе се печатат и утре заедно со апаратите за биометриска идентификација ќе се дистрибуираат до Општинските изборни комисии а оттаму да бидат подигнати од Избирачките одбори. Во сабота гласаат болните и изнемоштените и лицата во затворите. 

Од ДИК посочуваат дека од организациски и технички аспект се е подготвено за повторените избори.  

Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта, од коалицијата Вреди и независниот Ваљбон Лимани поддржан од НАИ. Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од 
Група избирачи. Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците. Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски, поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ. 

Избирачкиот список за повтореното гласање е веќе заклучен. Во Гостивар во Избирачкиот список се запишани 82.870 граѓани со право на глас, 78.185 гласачи се постојани жители на општината, додека во посебниот Избирачки список за лица кои живеат во странство се запишани 4 604 гласачи, а 81 лице се во затвор или во притвор. 

Во Избирачкиот список за Маврово Ростуше се запишани 10 575, од кои во посебниот Избирачки список за жители во Општината 9 622, во странство 951, а во затвор или во притвор се двајца. 

Во Избирачкиот список за Врапчиште запишани се 27 279 граѓани со право на глас, 26 318 во посебниот Избирачки список за жители од Општината, во посебниот ИС за гласачи кои живеат во странство се запишани 950, а 11 во затвор или во притвор. 

Бројот на гласачи во Центар Жупа запишани во Избирачкиот список се 7 562, од нив 6 305 во оштината, во посебниот ИС за гласачи во странство се запишани 1257 лица. 

Според информациите од ДИК, нема никаков интерес за набљудување на повторените избори. До денеска нема пријавено ниту еден набљудувач. 

Во Регистарот за медиуми за платено политичко рекламирање пријавени се 32 интернет портали, 13 регионални и национални телевизии и пет радиостаници.  

Согласно членовите 132, 132а и 133 од Изборниот законик на повторените избори не е потребна излезност од една третина на гласачите туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.  

Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање. 

Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг на 19 октомври не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.

Во Гостивар одѕивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.

Ова се последни избори за овој состав на Државната изборна комисија. Нивниот мандат завршува на 15 јануари односно до изборот на нов состав на Комисијата.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1