Connect with us

Општини

Обилните врнежи предизвикаа проблеми на неколку критични точки во Охрид, свикан состанок на Кризниот штаб

Обилните дождови што го зафатија охридскиот регион предизвикаа проблеми на неколку локации низ градот, особено на одредени места што се утврдени како критични во услови на интезивни врнежи.

По повод настанатата ситуација денеска беше свикан вонреден состанок на општинскиот Кризен штаб за заштита и спасување, со присуство на претставници од јавната администрација, на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР – Охрид, на јавните претпријатија, Противпожарната единица и од други засегнати субјекти.

На состанокот е извршено мапирање на критичните точки и е направен план за итно дејствување и ангажирање на дополнителни екипи на терен. Од страна на стручните лица беше посочено дека предизвикано е излевање на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини.

Најкритична е состојбата на улицата „Гоце Делчев“ во близина на ‎Здружението на возачи и на потегот кај селото Орман, каде е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача.

Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека екипи на општинските јавни претпријатија интензивно работат на терен на повеќе локации во Охрид за нормализирање на ситуацијата.

„‎На располагање се ставени сите капацитети на општинските јавни претпријатија, се делува координирано и состојбата постојано се следи. На терен се работи со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици“, посочи Пецаков.

Инаку, од ‎Општина Охрид се упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5