Општини
Во Струмица се одржаа Бадникарски концерт и поворка
Во Струмица денеска Фондацијата „Елеуса“ во соработка со Струмичката Епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј” и ВИС „Стихири“, а под покровителство на Општина Струмица и годинава традиционално организираа Бадникарски концерт и поворка.
Одбележувањето на Бадник почна со Бадникарска поворка од Манастирот „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, која се движеше до зградата на Општина Струмица, каде младите бадникари ги пречекаа градоначалникот Петар Јанков и викарниот епископ Стобиски Јаков и притоа им поделија пакетчиња.
Според градоначалникот Петар Јанков, ова е еден прекрасен настан кој ја негува нашата традиција.
-Денеска на Бадниковата поворка имавме преку 300 дечиња кои даваат силна верба во верата, љубовта и заедништвото, настан кој покажува дека ние со таква младина имаме светла иднина. Благодарност до МПЦ и Фондацијата „Елеуса“ за целосната организација на овој настан, изјави Јанков.
Викарниот епископ Стобиски Јаков рече дека раѓањето Христово се слави повеќе од 2.000 години и тоа е најчудесното раѓање, најубавото раѓање заради тоа што не се раѓа обичен човек, туку Бог кој благоволи да стане човек и да се роди како слуга на сиот човечки род.
-И овој концерт што се организира веќе неколку години заеднички на Фондацијата „Елеуса“ со Советот на Општина Струмица и градоначалникот е на некој начин давање на легитимитет на идентитетот наш христијански, изјави епископот Јаков.
На Бадникарскиот концерт на Плоштадот „Гоце Делчев“, пред платото на НУЦК „Антон Панов“, беше изведена богата црковна и културно-уметничка програма, а и во други општини во Југоисточниот регион беа организирани манифестации по повод Бадник.
јануари 7, 2026


