Општини
Бадникова поворка во Куманово
Децата од Куманово учествуваа во Бадниковата поворка и ја пееја „Вечниот бог“. Со ѕвездички во рацете и пештера се движеа од соколанскиот парк по централните градски улици до градскиот плоштад.
Манифестацијата која се одржува по 11-ти пат ја организираа „Бадникови поворки“ со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.
– Ниту дождот не ги спречи Христовите ангели, децата коледарчиња, да го најават раѓањето на Богомладенецот со божиќната каланда „Вечниот Бог“. Радоста се споделуваше од Соколанскиот парк, по улиците, сè до плоштадот каде божиќни каланди испеаја Драгана Младеновска, Мартинијан и хорчето од деца под раководство на Јован Цветковиќ и Бојана Апостоловска. На дечињата празникот им го честиташе градоначалникот Максим Димитриевски. Учесници во поворката беа и Анастасија и Лука Чомбе. Пеевме, се радувавме и поделивме пакетчиња на секое дете во Занаетчискиот дом, изјави Ружица Денковска, Координатор на здружението Бадникови поворки во Куманово.

Празничниот настан беше збогатен со културно – уметничка програма, во духот на традицијата, со песни и стихови, во изведба на децата бадникари, кои учествуваа во поворката. Бадникова поворка се одржа и во селото Пчиња каде што учествуваа дечиња од тоа и од соседните села.

Низ улиците во Куманово, славеа и коледарите кои поминаа низ главните градски улици, во соборниот храм „Свети Никола“, поделија бадникови гранчиња и ја продолжија традицијата на прослава на малиот градски плоштад. Инаку, низ старите кумановски маала, како и во селата има прослави на Бадник.
јануари 7, 2026


