Connect with us

Општини

Во Струмица со Бадникарски концерт и поворка, но и со богата посна трпеза се одбележува Бадник

Со коледарски песни во утринските часови, традиционално, најмладите струмичани го најавуваат денот на раѓањето на Исус Христос. Домаќинките ги пречекуваат пред вратите на домовите и ги даруваат со скромни подароци, ситни пари, овошје и колачи.

Повеќе години главен настан во одбележувањњето на Бадник во Струмица се традиционалниот Бадникарски концерт и Бадникарската поворка, кои ги организира Фондација „Елеуса“ во соработка со Струмичката Епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј” и ВИС „Стихири“, а под покровителство на Општина Струмица.

Како што соопштија од „Елеуса“, одбележувањето на Бадник годинава ќе почне со Бадникарска литија која ќе тргне од манастирот „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ и ќе се движи по повеќе улици се од Плоштадот „Гоце Делчев“, каде точно напладне се одржува хуманитарниот Бадникарски концерт, со кој со богата црковна и културно-уметничка програма се одбележува празникот.

Во Струмица за Бадниковата трпеза, која традиционално се поставува во раните вечерни часови, се подготвуваат посни јадења. Освен риба, традиционално се подготвува струмичка баклава, која се состои од комбинација од домашно подготвени и купени кори и познатиот „ушав“-компот од суви модри сливи. Некои подготвуваат и посна сарма со ориз и ореви, потоа бел грав, а неизбежно е и овошјето.

Во бадникарската погача се става и паричка, која се дели на сите членови на семејството, а кому ќе му падне паричката се смета дека ќе има здравје и среќа.

-Иако Црквата апелира да не се става паричка во погачата, сепак тоа останало и е традиција во Струмица. Обично најмладиот член на семејството ја зема погачата пред вечерата и излегува пред вратата и го поканува Господ на вечера три пати повторувајќи „Ела Дедо Боже на вечера“. Потоа следува вечерата и по завршувањето трпезата не се раскренува, туку се остава да стои цела вечер со надеж дека Господ ќе дојде во нашите домови и ќе касне од понуденото на трпезата, раскажуваат постари домаќинки од Струмица.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1