Connect with us

Општини

Стотици коледарчиња низ улиците на Охрид со песна го најавија Рождеството Христово

Неколку стотини деца беа дел од свечената Бадникова литија што по 15 пат денеска се одржа во Охрид. Дождот не ги поколеба во желбата  да продефилираат низ централните улици во градот и со пригодни коледарски песни да го најават највеселиот христијански празник  – Раѓањето христово „Божик“.

Литијата започна во 10:30 часот пред црквата „Св.Ѓорѓи“, преку улиците ,,Јане Сандански“, „Туристичка“ и Чаршијата до Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“. Поради дождот свечената церемонија се одржа во Центарот за култура, каде коледарчињата ги пречека градоначалникот Кирил Пацеков кој ги даруваше со пригодни коледарски пакетчиња.

– Традицијата и религијата не одржале низ вековите. И ова што заеднички го организираме веќе 15 години, сметам дека значи многу. Општина Охрид го подржува овој настан. Оваа година се направени околу 1500 пакетчиња. Лично би сакал вакви настани соодветно да ги одбележуваме, и на тој начин да даваме дополнително значење, за младите низ ваквите настани да учат за религијата и се она што не опкружувало векови наназад, рече Пецаков.

Летка Филипова, регионалниот координатор на Бадниковите поворки, рече дека стотоци деца денеска ни покажаа како се љуби Христос, како се сака и почитува верата, како се одржува традицијата.

Од година во година Бадниковата поворка се надградува со нови содржини и новитети.

– Поворките се умножија и во повеќе села во Охридско. Оваа убава традиција се проширува и во околните населени места, каде за првпат се организираат Бадникови поворки во селата Лескоец, Елшани,Трпејца, Велгошти, Пештани, Оровник, во Дебарца… Се на се можеби има три илјади деца што учествуваат во поворката, рече Филипова.

Во духот на претпразничната радост, дечињата синоќа ја исполнија и Митрополијата во Охрид, каде со песна и искрена радост го најавија Рождеството Христово пред Митрополотот г. Георгиј  од кого добија соодветни дарови.

Бадниковата поворка и оваа година ја носи пораката на радост, мир и заедништво, повикувајќи ги сите граѓани да бидат дел од празничното сведоштво за Христовото Рождество.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 5