Култура
Почина писателот, професор и преведувач Георги Сталев Поповски
Почина Георги Сталев Поповски (1930, с. Витолиште, Прилепско – 2025, Скопје) – поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар, преведувач и универзитетски професор.
-Со жалење ве известуваме дека нашиот ценет колега, проф. д-р Георги Сталев Поповски почина на 30 декември 2025 година. Погребот е извршен на 3 јануари 2026 година, во кругот на семејството, соопшти денеска Деканатот на Филолошкиот факултет на УКИМ каде што Сталев се пензионирал во 1995 година.
Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика. Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Еден е од првите членови на Македонскиот П.Е.Н. центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956). Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Ма-кедонија (1978-1982) и координатор на школскиот систем на нашите иселеници во Сиднеј, Австралија (1983). Добитник на престижни награди и признанија.
-Георги Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски, кој се вгради во дејноста на Филолошкиот факултет и како исклучителен професор, но и како книжевен историчар, критичар и еден однајактивните книжевните преведувачи, соопшти Деканатот на Филолошкиот факултет на УКИМ.
Автор е на пет поетски книги, пет драмски текста, два романа, една книга раскази, многу препеви, преводи и критички есеи. За преведувачкиот опус добил голем број награди и во два мандата бил претседател на Друштвото на македонските книжевни преведувачи. Покрај препевите на Пушкин, Лермонтов, Прешерн, Гундулиќ…, „како животно дело во оваа област Сталев ги смета ‘Божествената комедија’ од Данте Алигиери, комплетната поема ‘Странствувањата на Чајлд Харолд’ од Гордон Бајрон, Антологијата на француската поезија од нејзините почетоци до крајот на 19 век“.
-Како студент од трета година го објавува својот прв (и последен) превод на прозен текст (Спроти новите дни од Иван С. Тургењев, директно од рускиот оригинал) … Непосредно пред дипломирањето на факултетот, за одбележувањето на шеесетгодишнината од смртта на Григор С. Прличев, од печат излегува првото издание на препевот на „Сердарот“ од оригиналот, со помошта на неговиот татко Стале Попов. Овој препев, со мали варијанти на корекција и дополнување, и денес живее како лектира во средните училишта. Интересно да се спомене дека бугарскиот и англискиот препев на „Сердарот“ се направени од македонскиот препев на Сталев. Интересот за препевање поезија исклучиво во врзан стих оттука се проширува и кон теоретскиот дел на версификацијата, од што произлегла и неговата докторска дисертација, наведува Филолошкиот факултет на УКИМ.
јануари 6, 2026


