Connect with us

Свет

Пињо: Споредба меѓу Венецуела и Гренланд е несоодветна

Ги слушнавме последните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со Гренланд, но остануваме на својот претходно искажан став околу суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа данска територија, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.

Запрашана дали ЕК не смета дека треба да заземе некој нов пристап кон Гренланд во услови кога имавме американска интервенција во Венецуела, Пињо нагласи дека споредбата меѓу оваа јужноамериканска држава и данската територија е несоодветна.

– Да ве потсетам дека Гренланд е сојузник на САД, а исто така е дел од НАТО. Тоа е голема разлика, додаде Пињо.

Во врска со конкретната изјава на Трамп дека му е жал што Гренланд не е дел од САД и дека „треба да го добие, а тоа го знае и ЕУ“, Пињо рече дека секоја земја би можела да биде интересна за некого, но дека тоа треба да биде во рамки на деловниот интерес или инвестициите, но ништо надвор од тоа.

Портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер, пак, изјави дека кога станува збор за Гренланд, ЕУ ќе продолжи да ги почитува принципите на суверенитет, територијален интегритет и непроменливост на границите и на Повелбата на ОН.

– Тоа се универзални принципи и нема да престанете да ги браните, уште повеќе ако е доведен во прашање територијалниот интегритет на земја членка на Европската Унија, нагласи Хипер во одговор на новинарско прашање што презема ЕУ да ја одврати „агресивната позиција од некој што треба да биде европски сојузник, а која се чини дека претставува закана за суверенитетот на Гренланд“.

Хипер потсети и на ставот на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, искажан минатиот месец, дека Гренланд е автономна територија на Кралството Данска и за сите измени на ваквиот статус треба да решаваат гренландските жители.

Според неа, ЕУ нема да ја коментира секоја поединечна изјава поврзана со Гренланд, бидејќи смета дека тоа е прашање на принцип.

– Ситуацијата е таква што очекуваме партнерите да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и да се придржуваат кон меѓународните обврски, додаде Хипер. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4