Connect with us

Економија

Петрова: Граѓаните имаат се уште време да ги приложат доказите за платен данок на доход во странство

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова вели дека на граѓаните кои платиле данок на доход во странство, а на кои сега им е дојдено даночно решение и од УЈП, имаат се уште време да ги приложат доказите до канцелариите на УЈП.

Петрова тврди дека не може да се изврши двојно одданочување, а доколку има случаи во кои граѓаните веќе го платиле данокот на доход во странство, а сега постапиле и по решението од УЈП, ќе бидат разгледани сите докази и ќе се изврши оданочување само на едно место. 

– За оние кои платиле во странство и сега платиле во земјава, ќе бидат земени предвид сите докази. Зависно од меѓународниот договор – доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде да се изврши поврат или доколку е возможно, платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит, а за уплатата која е извршена овде да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година, појасни Петрова на денешната прес-конференција со министерката за финансии. 

Вели дека како институција се свесни за реакциите на граѓаните, но додава дека морале да го почитуваат законот и да ги достават решенијата во законкиот рок, односно пет години по истекот на годината кокга доходот е остварен.

– Верувам дека одредени граѓани не стигнале да ги завршат активностите во однос на собирањето и доставувањето на доказите и тоа е разбиливо бидејќи се работи за пет години наназад, меѓутоа нашиот рок за завршување на постапката беше до 31 декември и тоа е законскиот рок. Имајќи предвид дека граѓаните мора да обезбедат докази за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји, ќе им овозможиме да го сторат тоа. Ги повикувам сите да ги достават доказите, ќе ги разгледаме и што може да се прифати, ќе прифатиме, рече Петрова. 

Според Петрова, оваа активност на УЈП не била брза и изненадувачка, туку опсежна активност во која биле собрани податоците од банките, била направена  опсежна анализа и околу 11.000 граѓани персонално биле повикани да го подмират данокот на доход.

За протестите на овие граѓани и за нивните најави дека ќе поднесат тужби пред Управниот суд, директорката на УЈП вели дека тоа се легитимни права на граѓаните. 

– Тоа ниту можеме, ниту сакаме да ги спречиме граѓаните да поведат управен спор доколку имаат докази за тоа. Сепак, повикани се и кај нас да ги достават доказите за да видиме дали имаат платен данок во странство, рече Петрова.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4