Економија
Димитриеска-Кочоска задоволна од наплатата на даноците, послаба е кај неданочните приходи и акцизите
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска е задоволна генерално од реализацијата на приходната страна, особено во делот на даноците каде реализацијата е 97 проценти, а послаба е наплатата во делот на акцизите.
– Потфрлено е во делот на неданочните приходи – тоа се сопствените приходи на институциите. Тоа значи дека самите газди не си ги собраа приходите, а тоа се институциите кои имаат сопствени сметки. Но, тоа не ги попречувало да ги трошат парите затоа што тие имале пари и на сопствени сметки, рече Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција во Владата.
И оваа година, како што посочи, се покажала како година со послаба реализација на сопствените сметки на институциите и затоа, според неа, ќе мора да се бара некое законско решение во однос на трошењето на овие средства.
– Како министер за финансии ќе притискам и понатаму да се трошат сопствените сметки затоа што тие не се сопствени сметки на институциите, туку тоа се пари на државата, рече Димитриеска-Кочоска.
Во однос на послабата наплата на акцизите, министерката за финансии рече дека акцизите се едни од најтешките приходи што може да се проектираат и дека тука има слаба реализација поради тоа што очекувањата на Владата биле дека по воведувањето на царините од страна на САД ќе скока цената на нафтата, но тоа не се случило.
– Кој можеше да предвиди дека и сега по она што се случува во Венецуела, повторно цените на нафтата ќе останат ниски. Јас не. Гледате дека цела година цената на нафтата е на многу ниско ниво. По воведувањето на царините од САД, имавме очекување за нагорно движење на цената на нафтата и од тука беа и очекувањата дека ќе имаме повисоки акцизи. Во текот на цела година износот на цената на нафтата е ниска така што акцизите се едни од најтешките приходи за проектирање во буџетот, рече Димитриеска-Кочоска.
Реализацијата кај персоналниот данок, како што посочи, е 97 проценти.
јануари 6, 2026


