Регион
БиХ бара од ЕУ сателитски снимки од „Коперник“ поради опасност од поплави
Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина побара итна помош од Европската Унија за сателитско снимање на подрачјето на Херцеговина за да се процени ризикот од поплави по обилните дождови во изминатите денови.
Министерството наведува дека подрачјето на горниот тек на реката Неретва, што беше погодено од поплави и лизгање на земјиштето кон крајот на 2024 година, се смета за особено ранливо.
– Северниот дел од Херцеговина треба да се снима преку Службата за управување со вонредни состојби „Коперник“. Целта е што поскоро да се процени влијанието на врнежите врз погодените подрачја и да се направи процена на штетата. Добиените сателитски податоци ќе им овозможат на надлежните институции попрецизно да планираат и спроведуваат мерки за заштита и спасување, наведува Министерството за безбедност на БиХ.
Соработката со ЕУ се спроведува преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во кој БиХ е полноправна членка од 2022 година, што овозможува побрза меѓународна поддршка во кризни ситуации.
Во есента 2024 година, обилните дождови предизвикаа големи поплави и лизгање на земјиштето во северна Херцеговина и централна Босна, при што загинаа вкупно 27 лица. Најтешко погодена беше општина Јабланица, каде што загинаа 19 луѓе.
јануари 6, 2026


