Општини
Во вторник Бадников оброк на плоштадите во Кавадарци и Неготино
Во вторник ќе се дели Бесплатен бадников оброк на градските плоштади во Кавадарци и Неготино по повод празникот Бадник, најавија градоначалниците Митко Јанчев и Марија Нацева.
– Најубавите празници се оние што се споделуваат. Затоа и оваа година, петта по ред, Кавадарци ја продолжува традицијата на заедничкиот бадников ручек. На 6 јануари, вторник, со почеток во 11 часот, градскиот плоштад ќе биде место на дружење, топол оброк и празнична атмосфера, отворена за сите граѓани, сподели Јанчев.
Како што појасни, настанот се реализира во организација на Општина Кавадарци, во соработка со општествено одговорни компании.
– За вкусовите и празничното расположение ќе се погрижат шеф Горан Филипов и негови колеги – врвни професионални готвачи од Македонија. Да го дочекаме Бадник заедно, со трпеза и насмевки, порача градоначалникот на Кавадарци.
Тој додаде дека Кавадарци обединува со хуманост.
Градоначалничката на Неготино, Нацева истакна дека Бадник е еден од најзначајните денови во христијанството, најавувајќи го Рождеството Христово.
– По тој повод, за првпат во нашиот град по моја иницијатива како градоначалник на општина Неготино, градоначалник на сите жители, на 6 јануари во 13 часот на градскиот плоштад, организираме бесплатен оброк за сите социјално ранливи категории. Бадник е ден за смирение, тишина, покајание и заедништво, каде секој граѓанин треба да има топол оброк, подвлече Нацева.
јануари 3, 2026


