Општини
Ќура: Буџетот за 2026 година реален и насочен кон одржлив развој, модерна инфраструктура и подобар живот за граѓаните
Буџетот на Општина Струга за 2026 година, во износ од 1,59 милијарди денари, претставува реален и одговорен финансиски план насочен кон одржлив развој, модерна инфраструктура и подобар квалитет на живот за граѓаните, оцени градоначалникот Менди Ќура.
Во услови, како што рече, на законски ограничувања и зголемени фискални обврски, општината демонстрира високо ниво на финансиска дисциплина, транспарентност и стратешко планирање, со силен фокус на капиталните инвестиции и јавниот интерес.
– Капиталните проекти се еден од клучните приоритети, со над 281 милион денари или 17,6% од вкупните расходи, наменети за изградба и реконструкција на локални патишта и улици, нови сообраќајни решенија, водоводна и канализациска инфраструктура, системи за одведување и пречистување на отпадни води, како и проекти од значење за заштита на животната средина, истакна Ќура.
Посебен акцент, според него, е ставен на крупни инфраструктурни зафати, меѓу кои: изградба на улицата „Туристичка“, изградба на собирната источна колекторска улица, реконструкција на патната мрежа кон руралните населени места, капитални инвестиции во канализациони и атмосферски системи.
Буџетот, нагласи Ќура, обезбедува континуирано и стабилно функционирање на јавните услуги, со значителни средства за јавно осветлување, јавна чистота, паркови и зеленило, образование, социјална заштита, култура и спорт, родова еднаквост и социјална инклузија.
– Процесот на буџетирање беше отворен и инклузивен, со активно учество на граѓаните, месните заедници и граѓанскиот сектор преку буџетски форуми и консултации, што уште еднаш ја потврдува определбата на Општина Струга за одговорно, отчетно и транспарентно управување, посочи тој.
Буџетот за 2026 година беше изгласан на последната седница на Советот на Општина Струга на 31 декември минатата година, веднаш по изборот на претседател.
јануари 3, 2026


