Општини
Кандидатот за градоначалник на Гостивар Бејта ги претстави приоритетите од предизборната програма
Кандидатот за градоначалник на Општина Гостивар на предвремените избори Невзат Бејта, на денешната прес конференција ги објави приоритетите кои планира да ги реализира доколку победи на изборите. Тој рече ќе се заложи за спроведување на проекти за современа инфраструктура во градот и околината.
Како поважни проекти ги посочи: отворање на кракот од булеварот “Браќа Ѓиноски” “Дебарска улица” до Основниот суд и изградба на нов мост со четири ленти. Бејта ветува да го прошири и реконструира локалниот пат Форино – Гостивар, со што како што рече, овој дел на општината ќе биде поврзан со градот со модерна сообраќајница.
Во сферата на животната средина, Бејта предвидува проекти за поголема градска чистота и зелена средина и поставување на подземни контејнери за почист Гостивар.
Тој ја критикуваше претходната локална власт дека, како што рече урнисала образованието, а тој ќе за залага квалитетно и деполитизирано образование.
Во областа на економски развој и вработување, кандидатот кој ја има поддршката од коалицијата ВЛЕН посочи дека планира да ги подобри условите за младите во општината со зајакнување на капацитетите во институциите кои се занимаваат со култура и спорт.
Бејта ја побара поддршката од граѓаните да гласаат за него, бидејќи како што рече претстои заедничко владеење со граѓаните.
јануари 3, 2026


