Општини
Првото бебе во Прилеп е машко
Првото бебе во Новата 2026 година што се роди во Прилеп е машко. Бебето Герасим се роди два часа по полноќ на први јануари и со мајката Софија Никоска Маџароска се чувствуваат добро, потврдуваат од прилепската Болница.
До денес напладне, во Прилеп се родиле вкупно три бебиња, две машки и едно женско и сите се во општа добра здравствена состојба.
– Во 02:23 часот по полноќ, на први јануари се роди првото бебе во новата 2026 година. Тоа е машко бебе кое се роди по природен пат. Бебето е второ дете во семејството. Им упатуваме честитки на семејството и им посакуваме среќа и радост, рече Кире Јоноски, директор на прилепската општа Болница „Борка Талески.
Честитки и подароци од локалната самоуправа добија мајката и првото бебе во оваа година.
– Му посакуваме среќа и радост на семејството и многу здравје на бебето. Голема е желбата да се раѓаат повеќе деца во општината зашто се нашата иднина, рече градоначалникот на прилеп Дејан Проданоски, кој ги посети мајката и бебето на Гинеколошкото одделение во прилепската Болница.

Голем дел прилепчани новата 2026 година ја пречекаа во центарот на Прилеп, на плоштадот Методија Андонов Ченто, со песните на Наум Петрески.
јануари 2, 2026


